Реми во генералката пред Словачка
Македонија одигра 1:1 во гости на Малта во последниот тест пред стартот на квалификациите за ЕП 2012
Сашко Ѓ. Димовски
Македонија остана непоразена и во шестата фудбалска пресметка со Малта, само што овојпат и не победи. По петте победи во низа (три во пријателски мечеви, два во квалификациски) против стариот клиент од Медитеранот, во средата нашите најдобри фудбалери ремизираа (1:1) на гостувањето во Ла Валета кај домашната селекција. Тричковски погоди во 37 минута, израмни Мифсуд во 47, резултат што остана актуелен до последниот свиреж на главниот судија од Сан Марино. За обата тима ова беше генералната проба пред стартот на квалификациската кампања за пласман на Европското првенство во Полска и Украина во 2012 година.
„Одигравме две различни полувремиња. Во првото доминиравме, постигнавме еден гол, но пропуптивме уште неколку убави прилики да го решиме мечот. На почетокот на вториот дел една грешка во одбраната резултираше со израмнување од што и најмногу стравував. Во тој период од натпреварот ги одигравме најслабите 20 минути во сите овие контролни средби. Бевме конфузни меѓутоа за среќа успеавме брзо да се соземеме и да заиграме на победа со неколкуте играчи што влегоа во игра од клупата и го забрзаа темпото“, рече по мечот Мирсад Јонуз, селектор на Македонија, и додаде:
„Она што ме загрижува во моментот е недоволната подготвеност кај добар дел од фудбалерите пред стартот на новата сезона. Но, мора да напоменам дека кај неколкумина од нив, како на пример Горан Пандев кој беше на турнеја во САД, се забележува голем замор. Дополнителен проблем беа и тешките услови во мечот. Игравме на топло време, а влажноста на воздухот беше голема“.
До премиерниот меч во квалификациите за ЕП 2012 во кој ќе и гостуваме на Словачка остануваат уште три недели. Време за проверка на нови сили и експериментирање нема, составот со кој ќе патуваме во Братислава на 3 септември ќе биде објавен на 18 август. Селекторот Јонуз уште отсега порачува дека двајца до тројца играчи од тимот со кој настапивме на Малта во средата нема да бидат во комбинација.
„Резултатот со Малта можеби доаѓа во вистински момент. Реално сите очекувавме победа и продолжување на успешната серија, но вака веројатно е подобро. Време е играчите да сфатат дека местата во тимот не им се загарантирани, дека одговорноста е голема и во наредниот период ќе мора да се обидат да поправат својата форма и физичка подготвеност“, заврши Јонуз.
„Мечот дојде во незгоден период бидејќи сите играчи се наоѓаат во фаза на подготовки и кондицијата не е на највисоко ниво. Друга приказна ќе бидат мечевите со Словачка и Ерменија. На Малта доминиравме во првиот дел, противникот можеби беше подобар за нијанса во вториот. По примениот гол беше тешко да се пробие противничката одбрана. Шансата да го добиеме мечот ја пропуштивме во првото полувреме во кое не реализиравме уште неколку шанси за втор погодок“, истакна првата звезда во нашиот тим, Горан Пандев.
Малта - Македонија 1:1
Полувреме: 0:1. Стадион: „Та Квали“ во Ла Валета. Гледачи: 2.500. Главен судија: Габриеле Роси. Помошници: Конрад Борг и Маријано Дебоно (сите тројца од Сан Марино). Стрелци: Мифсуд во 47 минута за Малта - Тричковски во 37 минута за Македонија.
Малта: Хог, Каруана, Мамо (Фаила), Скиберас (Р. Фенех), Агиус, Бајада (П. Фенех), Брифа (Коен), Мифсуд, Богдановиќ, Херера, Пејс. Селектор: Џон Бутигег.
Македонија: Пачовски (Нурединовски), Г. Попов, Новески, И. Митрески (Грнчаров), Лазаревски (Шиков), Деспотовски, Георгиевски (Глигоров), Ѓуровски (Алими), Тричковски (Стојков), Пандев, Наумоски (Ибраими). Селектор: Мирсад Јонуз. |