Македонија со двајца на СП во Москва
На Светското првенство во борење што ќе се одржи во Москва од 8 до 13 септември ќе настапат и двајца борачи од Македонија. Тоа се Дејан Богданов (84 кг) и Дејан Митров (64 кг). Дали ќе имаме и трет претставник на светското првенство се' уште е отворено прашање и тоа ќе биде познато во почетокот на септември кога ќе се одржат неколку контролни средби на преостанатите наши борачи.
Дејан Богданов и Дејан Митров веќе две недели под раководство на селекторот Страшко Глигоров се подготвуваат во Штип заедно со борачите на Балканец кои им спарингуваат на двајцата наши борачи.
Според програмата на Глигоров по подготовките во Штип Богданов и Митров ќе продолжат да тренираат во Скопје каде исто така ќе имаат контролни борби со борачите од Косово, а во план се и подготовки во Бугарија во Банско заедно со најдобрите борачи на Бугарија. Страшко Глигоров верува дека и двајцата наши борачи ќе бидат добро подготвени за Светското првенство во Москва и со малку спортска среќа и поволна ждрепка можат од нив да се очекуваат добри резултати.
Кој ќе биде третиот наш борач, доколку и се обезбедат средства за престој и пат во Москва ќе биде познато, како што веќе напишавме, во почетокот на септември, но како што стојат засега работите најверојатно само Дејан Богданов и Дејан Митров ќе се појават на струњачата во Москва. Светското првенство во Москва е и последен настап на нашите борачи годинава, а потоа ќе почнат подготовките за новата сезона и јасно за настап на Олимписките игри во Москва 2012 година, за што е потребно да се обезбеди и олимписка норма на Европското првенство и неколкуте силни меѓународни турнири што се на програмата во текот на идната година. (М.М.) |