Поевтинувањето на едни лекови значи поскапување на други
Со фондовското поевтинување најмногу ќе настрадаат пациентите со остепороза, астаматичарите, болните од ревматизам
Јасмина Јовановска
Поевтинувањето на едни лековите на товар на државата, што во практика стартува од денеска, за други лекови ќе значи поголема доплата, а со тоа и поголем трошок за болните. Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), иако се пофали дека го зголеми бројот на лекови за трипати, за кои болните нема да доплаќаат за одредени лекови, пациентите, сепак, ќе доплаќаат повеќе отколку сега, со што современата терапија ќе стане недостапни за поголемиот дел од нив, за некои и основаната терапија. Со фондовското поевтинување најмногу, по се' изгледа, ќе настрадаат пациентите што боледуваат од порозноста на коските или остепороза, а не помалку и астматичарите, ревматичарите и други болни.
Место досегашните 500 денари, болните за да се лекуваат со соврмената терапија, како што дознаваме, сега ќе треба да доплаќаат околу 1.000 денари. Според неофицијални информации, во петокот производителот на најсовремениот лек за остепороза „бонвивата“, до Бирото за лекови доставил барање за намалување на единствената цена на лекот од околу 2.400 на околу 1.400 денари. Со оглед дека реферетната цена на лекот за остопороза што ја признава ФЗО е 510 денари, доплатата ќе биде околу 1.000 денари.
„Фондот не може место лекарот да ја одредува терапијата на болниот. Со признавање на најевтината цена на лекот, Фондот ќе не' врати на застарената терапија, кој не само што е помалку ефикасна, туку има и поголеми нусефекти“, се жалат болните со остепороза. Според нив, не е исто да се пие една таблета месечно и секој ден. „Секојдневната земање на таблетата не само што го оштетува желудникот на некои пациенти туку ги доведува и во состојба да не можат да станат од кревет“, реагираат болните.
Од Бирото за лекови ни потврдија дека за одреден број лекови од фармацевтските куќи се доставени барања за намалување на единствените цени на лековите, цените по кои се регистрираат лековите во земјава. „Намалување на единствените цени побараа повеќе компании, како што се „Крка“, „Алкалоид“, а во петокот тоа го сторија и „Баер-Шеринг“ и швајцасраката компанија „Хофман ла Рош“, ни рекоа во Бирото за лекови. Цените треба да се официлизираат денеска кога и ќе стартуваат новите рефетни цени, односно цените на лековите од позитивната листа што ги признава Фондот.
Со намалување на референтните цени ќе скокне доплатата на лековите за астматичарите, за болните од ревматизам. Така, за спрејот „фликостиде“, наместо досегашната партиципација од 160 денари, болните, барем според извештајот што го добиле аптекарите, ќе мора, покрај 160 денари, да доплаќаат и 480 денари. За лекот за ревматизам „сулфасалазин“, пак, наместо досегашната партиципација од 90 денари, ќе плаќаат партиципација од 50 денари, но затоа ќе имаат и доплата од околу 250 денари. Слично зголемување и доплата се јавува и кај други препарати, како кај некои корикостроди.
Од Фондот се правдаат дека засега успеале да ги намалат реферните цени на лековите на 118 генерики. Уште се пофалија дека речиси 44 отсто од лековите ќе имаат доплата само од 50 денари. „При одредувањето на референтните цени на лековите, освен по формулата, се обидовме заеднички јазик да најдеме и со добавувачите. Едноставно, преговаравме за цената, се' со цел лековите да станат подостапни за што повеќе пациенти“, објасни директорката на ФЗО, Маја Парнарџиева-Змејкова, при промовирањето на новите референти цени. |