Ракометниот клуб Ѓорче Петров нема да згасне
Се преговара со два спонзора, а се' треба да се знае до 15 октомври
Дали ќе се најде чаре за ракометниот клуб Ѓорче Петров ќе биде познато до 15 октомври, до кога раководството побара трпение од ракометарките, кои се заканија со штрајк. Првичниот рок од 30 дена што првите луѓе на најтрофејниот ракометен колектив во државава си го зададоа на 1 септември, кога долгогодишниот спонзор Трифун Костовски и неговата фирма „Кометал“ објавија раскин на соработката, пролонгиран е за уште две седмици, во кои треба да привршат преговорите со два потенцијални спонзора. Нивните имиња не се обелоденуваат, ниту некој сака да дава прогноза за шансите да се согласат да влезат во европскиот првак од 2002 година и уште два пати финалист во Лигата на шампионите.
Едно е сигурно - и да не излезе ништо од потрагата по финансиер(и), Ѓорче Петров нема да згасне, категорично тврдат во клубот.
„Нема да го затвориме сигурно. Ќе егзистираме на (полу)аматерска база, ќе се потпреме на наши и на играчи од Еуростандард ако треба и ќе настапуваме само во домашното првенство, но нема да ставиме клуч на врата“, е пораката од клубот основан во 1961 година, а обновен во 1979.
Платите на играчите се највисока ставка во клупскиот буџет и моментно најголема главоболка за управата, но не помала обврска е и настапот во ЛШ, кој за ѓорчепетровки треба да почне на 1/2 ноември против унгарски Ѓер во Скопје. (Р.Д.) |