Брoj 2803  сабота, 04 октомври 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Наука
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Спорт

„Зебрите“ не го прегазија Металург

Достоен отпор од ракометниот првак на Македонија на стартот од ЛШ во Кил, каде што загуби со 37:29

Македонскиот ракометен првак Металург загуби во Кил со 37:29 на стартот од натпреварите во групата Ц од Лигата на шампионите, но не се посрамоти. Напротив, составот на Звонко Шундовски не само што не беше прегазен од поранешниот европски првак и актуелен вицешампион пред десетилјадниот аудиториум во распродадената „Шпаркасен арена“, туку во одредени периоди од играта се покажа и сосем рамноправен противник. Оттаму и насмеаните лица во таборот на тимот од Автокоманда по завршувањето на средбата, кои и во второто коло на 12 октомври ќе гостуваат, и тоа на Барселона.

„Единствената информација што ја имав за противникот пред мечот беше од репрезентацијата на Исланд. Сепак, немаше многу изненадувања за нас денеска. Знаевме дека Металург има технички добро подготвена екипа, која може добро да се носи со секого. Нашиот често ноншалантен пристап тие успешно го казнуваа, па се обидував да вршам измени во задната линија при блокирањето на нивните напади. Се' на се', не одигравме баш добро“, призна тренерот Алфред Гисласон.

Кил веќе во 9 мин. покажа кој е кој во овој меч, поведувајќи со 6:2, но „металурзите“ не дозволија поголемо резултатско одлепување и со три гола во последните две минути на одмор заминаа со пристојна негатива од 15:18. Последниот гол беше мало ремек-дело на голманот Борко Ристовски, кој ја казни грешката на Германците при додавањето и погоди од гол на гол во ситуација кога тимот на Гисласон напаѓаше без голманот Тиери Омејер. Најдобриот чувар на мрежата во светот, кој со Франција стана олимписки првак во Пекинг, си ја исполни квотата од 20 одбрани, но во повеќе наврати беше надмудруван од гостинските ракометари. Во тоа посебно беа умешни плејмејкерот Филип Миркуловски, кој со шесте гола се издвои по ефикасноста во својата екипа, како и кружниот напаѓач Ванчо Димовски со еден погодок помалку. Токму успешната соработка со пикерската позиција често ја изненадуваше екипата што се чини дека ништо не може да ја изненади, што на свој грб го почувствува и Барса во минатата сезона, кога во Кил загуби со 41:31.

„Знаев дека Кил има многу, многу силен тим. Се боревме докрај и многу добро, но многуте технички грешки ни се одразија врз резултатот“, изјави Шундовски.

Клучна за потврдување на победата на домаќинот, во која никој ��е се сомневаше, беше серијата од 6:1 за водство од 24:16 на почетокот од второто полувреме. Разликата во 49 мин. нарасна на десет гола (32:22), по што домашните ракометари малку се олабавија, а Металург го искористи тоа за сосем пристоен пораз.

„Ова ми е втор пат како имам можност да играм тука. Еднаш веќе гостував со Вардар. Овде притисокот е огромен. Со ваква публика е сосем нормално што Кил секогаш испорачува толку добри резултати“, смета капитенот на Металург, Ванчо Димовски.

Кил - Металург 37:29



Полувреме: 18:15. Сала: „Шпаркасен арена“ во Кил. Гледачи: 10.250. Судии: Столаровс и Личис од Летонија. Седмерци: Кил 3/5, Металург 4/5. Исклучувања: Кил 8 мин., Металург 6 мин.

Кил: Омејер (20+1 одбрани), Паличка, Лунд 1, Андерсон 1, Лундстрем 4, Кавтичник 5, Аниќ 2, Левгрен 3 (2), Алм 3, Цајц 6, Карабатиќ 3 (1), Клајн 6, Јиха 3. Тренер: Алфред Гисласон.

Металург: Брестовац (1 седмерец), Ристовски 1 (9 одбрани), Димовски 5, С. Стоилов, Лазаров 3 (1), Станоевиќ 1, Миркуловски 6, Ѓоргоновски, М. Стоилов, Маљцев 5 (3), Чантурија 3, Јовиќ 1, Шмигиќ 1. Тренер: Звонко Шундовски. (Р.Д.)


Статијата е прочитана 160 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Спорт
ШАХ - Победнички потег
Македонија Ѓ.П. бара 3.300 евра од Вардар за скршените столчиња
Средба Груевски - ЕХФ на 13 октомври
Ракометниот клуб Ѓорче Петров нема да згасне
Секоја победа во квалификациите за СП 2010 ќе „тежи“ по 4.000 евра
Шпанскиот квартет во групите од Купот на УЕФА
Скокалница и лет во место