Секоја победа во квалификациите за СП 2010 ќе „тежи“ по 4.000 евра
Премија за реми 2.000 евра, а за секој повик во репрезентацијата ќе се добиваат по 500 евра
Сашко Ѓ. Димовски
За септемвриската победа над Шкотска на Градски со 1:0 во воведниот меч од квалификациите за Светското првенство во 2010 година секој македонски репрезентативец во понеделник ќе добие по 4.000 евра. Секое реми, пак, на патот кон Јужна Африка ќе биде вреднувано по 2.000 евра, а за повик во националниот тим играчите ќе добиваат по 500. Ова беше одлучено на завчерашната седница на Управниот одбор (УО) на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во која членовите на УО едногласно го прифатија предложениот тарифник за наградување на репрезентативците за мундијалскиот циклус квалификации во 2010 година. Ваквото тарифирање важи и за селекторот Среќко Катанец, неговиот прв асистент Вујадин Станојковиќ ќе добива 75 отсто од горенаведените износи, останатите во стручниот штаб на репрезентацијата ќе добиваат по 50 отсто, додека играч што ќе бидат повикан во националниот тим, а нема да настапи од разни причини ќе добие 30 отсто од предвидената сума за повик во репрезентацијата.
Една од точките на дневниот ред на седницата на УО беше и распределбата на средствата од „хет-трик“ програмата на УЕФА. По тој основ ФФМ може да смета на 2.500.000 милиони евра кои и' стојат на располагање за периодот до 2011 година. Овие средства се наменски и се добиваат по апликации на проекти кои треба да ги задоволат строгите критериуми на УЕФА. За таа цел е формирана посебна комисија. Нејзина задача е да ги прибира проектите и подоцна истите ќе ги поднесува до УЕФА, па доколку соодветниот проект добие „зелено светло“ во Нион, тогаш ќе има и трансферирање на дел од средствата колку што се потребни за негова реализација на сметката на ФФМ.
Разисмот е глобален проблем на фудбалските терени. И додека ФИФА и УЕФА се обидуваат да го решат со сите сили и средства, ФФМ на локално ниво се соочува со проблемот наречен национализам, но и останати форми на насилство на и надвор од нашите стадиони. Затоа сите членови на УО беа едногласни во идејата да се изготви стратегија и конечно да се тргне во поход за запирање на девијантните појави на терените во Македонија кои во последно време земаат замав. Фудбалската федерација на Македонија ќе побара од Владата и таа активно да се вклучи во акцијата за елиминирање на непријатните сцени на т��ибините и надвор од нив. Појдовна точка во стратегијата на ФФМ, која е замислена да се води преку едукација, издавање брошури, спотови и емисии, ќе биде Законот за спречување на насилството. Ќе се водат разговори и со клубовите, делегатите на натпреварите ќе добијат стриктни упатства при донесувањето одлука дали некој меч ќе се одигра или ќе биде прекинат поради дивеење на навивачите. Општ е заклучокот дека ФФМ ќе стори се' за да обезбеди нормални услови за играње коректен фудбал без притисок од навивачите и нивните зачестени инциденти на трибините кои практично ги бркаат гледачите од нашите стадиони. Целата оваа иницијатива ќе биде во координација и со Министерството за внатрешни работи (МВР) и за таа цел е планирано да се одржат повеќе состаноци со челните луѓе на МВР.
На седницата се дискутираше и за работата на генералниот секретар Никола Костов. Одредени клубови и луѓе изразија незадоволство од неговиот ангажман, но „топката“ ја смири претседателот Харалампие Хаџиристески чиј став надвладеа над дел од членовите на УО и за работата на генералниот секретар, на крајот сепак, е оставено да се дискутира на некоја од наредните седници на УО. |