Број 3046  понеделник, 27 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
На охридските плажи дежураат 50 спасувачи

Годинава спасени тројца давеници од водите на езерото

Даниела Трпчевска

Педесетина млади спасувачи се грижат за безбедноста на охридските плажи. Најголем дел од нив се спасувачи кои поседуваат лиценца од Црвен крст, додека неколкумина се приватни спасувачи што ги ангажирале сопствениците на плажите на охридското крајбрежје. Од почетокот на сезоната, велат спасувачите, имале три успешни извлекувања на давеници од водите на Охридското Езеро. Овие екипи реагираа и при несреќата која пред две седмици се случи кај плажата „Силекс“, кога две момчиња се удавија возејќи се на педалинка. Но, не успеале да ги спасат момчињата, кои отишле предалеку од брегот.

Ангажирањето спасувачи е една од обврските од договорот, кој закупците на плажите го потпишаа со Министерството за транспорт и врски. Осум плажи што не го почитувале овој услов минатиот викенд беа забранети за капење. Во меѓувреме дел од плажите ангажираа спасувачите, другите одбиваат да ги потпишат договорите со Црвен крст. Оние што се противат велат дека станува збор само за притисок и за уште еден товар за нив да плаќаат лица за спасување. Од Црвен крст, пак, се децидни дека со спасувачите ќе се намали ризикот од несреќи.

Триесетина плажи што склучија договор за закуп со Министерството за транспорт и врски, летово се под буден инспекциски надзор дали имаат ограден простор за капачите и дали ангажирале спасувачки екипи. Контроли има и на струшкото и на преспанското крајбрежје, каде што голем дел од плажите не се дадени под концесија.

Во првиот бран на инспекциски контроли на охридската Капетанија на еден ден беа затворени плажите „Извиднички центар“, „Младост“, „Евронационал“, „Пајнчар“, „Бовел“, „Бетон“, „Силекс“ и „Корали“. Знак „забрането капење“ беше ставен и на извидничките кампови и плажи, кои воопшто немаат склучено договори за закуп. Но, според првиот човек на охридската Капетанија, Љупчо Настевски, тоа не е пречка да бидат подложени на инспекциски надзор. „Според законот, сите јавни плажи мора да бидат обележани и да имаат спасител“, тврди Настевски.

Според светските норми, секоја плажа мора да има спасувачи со лиценци. Еден спасувач треба да биде ангажиран доколку плажата се протега до 660 квадратни метри водна површина. За плажа од 1.500 квадратни метри водна површина концесионерите се должни да ангажираат двајца спасувачи - еден што ќе врши набљудување и друг што ќе биде задолжен за помагање и за укажување итна медицинска помош на посетителите. Некои охридски хотели имаат ангажирано по тројца или четворица спасувачи. Од Црвен крст велат дека на тоа најчесто инсистираат странските туристи.

„Гостите од странство инсистираат во комплексите каде што се сместени да има лиценцирани спасувачи, кои ќе се грижат за безбедноста на нивните деца додека се наоѓаат на плажа“, вели Сашо Точков од Црвен крст Охрид.

Од почетокот на сезонава спасувачите имале три успешни интервенции за извлекување давеници од езерото. „Пред неколку дена на плажата ’Куба либре‘ успешно извлековме човек што се давеше. Дневно имаме од 4 до 5 интервенции на плажите, некому му се слошило, друг ја пресекол ногата, трет се повредил“, објаснува Точков.

Црвен крст има 150 обучени спасувачи на вода, од кои шестмина се инструктори. Обуката трае околу десетина дена, а тие добиваат лиценца за работа од Меѓународната асоцијација за безбедност на вода. „Спасувачите полагаат пред меѓународни инструктори и мора да имаат соодветна опрема. Тие мора да бидат поврзани со радиоврска, треба да имаат санитарно возило и медицински екипи. Бидејќи станува збор за специфичен терен со карпи, кој на повеќе места е непристапен, понекогаш мора да се реагира и со спасувачки чамци“, објаснува Точков.

Работата на спасувачите е подложна на контрола, а обврската за нивното плаќање ја преземаат концесионерите. Точков вели дека треба да се спаси професијата спасувач, оти тој не може да поставува лежалки, да мие чаши и да извршува други работи за кои не е ангажиран. Вакви примери имало во минатото, кога сопствениците максимално сакале да ги искористат младите луѓе кои ги плаќаат за спасувачи.

Филип Силјановски е млад спасувач, кој е задолжен за безбедноста на плажата „Лагадин“ во Охрид. Вели дека досега немал проблеми, ниту, пак, морал да интервенира во водата, но најголем проблем, според него, се скутерите и чамците кои навлегуваат во зоната за капење.

„Како што почна сезоната така се' повеќе мора да внимаваме, бидејќи има многу гости на плажите. Досега не сум интервенирал во вода, но имаме проблем со скутерите и со чамците што премногу се доближуваат до зоната за капење, за што веднаш реагираме“, вели спасувачот.

Некои скутерџии често во близина на брегот изведуваат небезбедни атракции, доведувајќи ги во опасност капачите, поради што спасувачките екипи веднаш реагираат и ги опоменуваат. Доколку тоа не се почитува се повикува езерската полиција, која прави записник.

Првиот човек на охридската Капетанија, Љупчо Настевски, вели дека постојано се врши инспекциски надзор над пловни објекти, а непочитувачите на законот се казнуваат, доколку го прекршат правилото да возат поблиску од 250 метри од плажата, или, пак, ако се забележат лица кои без заштитни елеци се возат на скутери и на чамци.

Но, факт е дека на плажите често можат да се забележат деца кои управуваат скутери. Од охридската Капетанија се децидни дека одговорност имаат и родителите кои тоа им го дозволуваат, но и лицата што им издаваат скутери на малолетници.

„За педалинките нема законска регулатива, но ова лето тие се покажаа како најкобни за младите непливачи. Тие често со педалинки се осмелуваат премногу да се оддалечат од брегот, поради што некогаш се случуваат и трагедии“, велат од охридската Капетанија.

Спасувачите го покриваат крајбрежјето на кое има изградено инфраструктура. На дивите плажи луѓето се капат на своја одговорност. Концесионерот на плажата „Корали“, Илија Џепар, го отвора прашањето што се случува на просторот меѓу плажите што не се дадени под концесии, и кој се грижи за безбедноста на туристите кои одат на дивите плажи за да ги избегнат гужвите и гласната музика.

„Имаме скутер и плажата е оградена, така што никогаш не сме дозволиле кај нас да има инциденти. Професионалниот спасувач треба да биде во чамец и од вода постојано да надгледува да не се случи нешто во езерото, а не на копно“, вели Џепар, на чија плажа „Корали“ минатиот викенд беше забрането капење поради тоа што немаше спасувач. Сега плажата повторно е отворена, откако концесионерите одлучија да го потпишат договорот со Црвен крст за обезбедување на плажата.

Министерството за транспорт и врски има потпишано концесионерски договори со 23 плажи на охридското крајбрежје. Меѓу другото, во договорите е пропишано дека секоја плажа, како и просторот за капење, треба да биде соодветно обележана, а секој концесионер треба да води грижа и за уредувањето на просторот. Особено правилата се ригорозни во поглед на поставувањето маси, лежалки и реквизити, кои можат за заземаат најмногу 60 отсто од просторот. Другиот дел од плажите треба да биде слободен. Концесионерите треба да постават тушеви и шанкови, а секоја плажа мора да има и безжичен Интернет. Најголем дел од плажите ги почитуваат пропишаните правила, но на некои од нив наместо тушеви може да се забележат црева за капење, песочните плажи се пребукирани со лежалки, а безжичниот Интернет не функционира на најголем дел од крајбрежјето поради непристапноста на теренот. (Д.Т.)


Статијата е прочитана 826 пати.

Испрати коментар

Од: G. Stojanovic
Датум: 27.07.2009 13:48:03
Odlicen poteg e toa sto ima spasuvaci: komplimenti od moja strana! Sega uste edna dobra regulacija na skuterdjiite i camcite koi gi doveduvaat plivacite vo zivotna opasnost - i taka ke se napravi uste eden soliden cekor kon unapreduvanje na turizmom, koi site nie konkretno kako gosti ke go pocuvstvuvame. Prijatelski pozdrav, Goran

Најди! во Утрински
Насловна
Учебници под прашалник
Гневни работници во Кина го убија директорот
Во Охрид над 30.000 туристи
Зденко
Каков леб, всушност, јадеме?
Расипани риби и салама од Дрисла завршиле на скопските трпези
Голема шанса за ситните земјоделци
Платите ќе ја проголтаат речиси цела здравствена каса
Луис Хамилтон триумфално низ Хунгароринг
Не е доволно кратење од само 100 милиони евра?
Ги условувавме условите за ЕУ
Никола Саркози во болница
Карикатура