Никола Саркози во болница
Во скромното коминике се вели дека на претседателот Саркози му се слошило
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Нанси - Педесет и четиригодишниот француски претседател Никола Саркози моментно се наоѓа во воената болница Вал де Грас, во која обично се лекуваат високи француски и странски државници. Околу болницата веднаш е направен широк безбедносен појас за да се чуваат настрана бројните новинарски екипи, а дел од екипите задолжени да го следат крајот на велосипедската трка „Тур де Франс“, која денес завршува на Елисејските полиња, веднаш беа упатени кон болницата.
Во скромното коминике издадено од Елисејската палата се вели дека на претседателот Саркози му се слошило додека спортувал, по што бил веднаш виден од неговиот личен лекар, кој го упатил на додатни испитувања во воената болница. Во коминикето на Елисејската палата не се кажува што спортувал претседателот, ниту во каква состојба се наоѓа откако му се слошило. Инаку, шефот на француската држава по обичај сака да џогира и да вози велосипед со своите пријатели.
Никола Саркози, иако вети за време на претседателската кампања дека ќе биде транспарентен за својата здравствена состојба, тој не општеше многу со јавноста. Од Елисејската палата се вели дека последните лекарски прегледи направени на 3 јули се покажале в ред. Во текот на целата 2008 година, од Елисејската палата не беше објавен ниту еден здравствен билтен за состојбата на претседателот Саркози, но тој последен пат беше во болница на 21 октомври 2007 поради ангина, како што на времето објасни неговиот специјален советник Хенри Гуено. Тогашниот портпарол Давид Мартин им објаснуваше на новинарите дека претседателството на Републиката не комуницира за „малите болки од секојдневниот живот“ на претседателот. |