Девојчиња тргнале на прошетка, завршиле во шума со насилник
Полицијата приведе 27-годишен тетовец што се обидел да силува девојка пред очите на дете
Гојко Ефaтоски
ТЕТОВО - Кобна прошетка на две девојчиња од Тетово, затоа што завршиле во рацете на насилник. Дваесет и седумгодишен тетовец ги пресретнал со пиштол двете девојчиња на патот кон месноста Бањиче, насилно ги однел во блиската шума и потоа се обидел да ја силува повозрасната девојка пред очите на 15-годишното дете.
Неколку дена по силувањето и разбојништвото во Тетовско, полицијата го расветли случајот. Приведен е 27-годишниот тетовец Ферди Ј. На 11 јуни годинава две девојчиња биле негови жртви. Во неделата попладне, околу 19 часот, Ферди следел две девојки на возраст од 15 и 21 година, кои сами се движеле кон изворите за минерална вода во месноста Бањиче над Тетово.
Во меѓувреме избрал погодно место, ги пречекал и заканувајќи им се по животот, со вперен пиштол ги принудил двете девојчиња да влезат во блиската шума. Видно исплашените девојки ја прифатиле наредбата. За цело време напаѓачот држел вперен пиштол кон жртвите. Потоа, повозрасната девојка ја натерал да има орален секс со него, по што се обидел да ја силува, но не успеал во тоа. Сведок на случувањата било 15-годишното девојче што цело време стоело во непосредна близина.
Но, тука не завршило малтретирањето. Насилникот ја забележал златната белегзија што ја носела 21-годишната девојка. Потоа насилно и' ја одзел белегзијата од раката, нанесувајќи и' повреди. Им се заканил дека ќе ги убие и од нив побарал никаде да не зборуваат за што што се случило и да не го пријавуваат в полиција.
Насилникот побегнал, но два дена по настанот тетовската полиција успеала да го пронајде и да го приведе. На информативниот разговор Ферди го признал делото, а пред истражните органи се бранел со молчење.
По налог на истражен судија е извршен претрес во неговиот дом во Тетово, каде што е пронајден гасен пиштол марка „екол сава магнум“ и картичка од мобилен телефон. Полицијата ја нашла и украдената златна белегзија што насилникот сосила ја одзел од нападнатата девојка. Тетовецот веднаш ја продал, а таа е пронајдена во еден златарски дуќан во Тетово.
Пиштолот, белегзијата, картичката и облеката што ја носел на себе, што била пронајдена во неговиот дом, како и други материјали поврзани со настанот, се предадени на вештачење.
Истражен судија при Основниот суд Тетово постапувајќи по кривичната пријава на СВР-Тетово вчера му изрече мерка притвор во траење од 30 дена на тетовецот Ферди Ј. (27), осомничен за кривични дела силување и разбојништво, за кои е предвидена затворска казна од најмалку 10 години. |