22.03.2012, 17:05 Кој ги пушти од притвор лидерите на „балистите“?
Беџети не сака да коментира зошто тетовскиот суд ги пуштил од притвор двајцата насилници од навивачката група
Гордана Дувњак
Македонските судови лани решиле 6,1 отсто повеќе предмети од претходната година, се пофали вчера министерот за правда, Блерим Беџети, на посебната тематска прес-конференција, посветена на ефикасноста на судовите. Или изразено во бројки, судовите во 2011 година решиле 5.6112 повеќе предмети.
Но, во исто време, министерот спомена дека приливот на нови предмети е намален за 124.096 предмети, или за 19,6 отсто. Наведениот прогрес, како што објасни, се должи на зголемениот број решени предмети, но и на пренесувањето на одредени неспорни предмети (старите извршни предмети, платните налози, извршувањето на паричните казни во кривичните предмети. Компарирано со претходната извештајна година, бројот на нерешени предмети е намален за 463.841 предмет, или за 68,4 отсто.
И покрај желбата на министерот за правда низ бројки да покаже колку кај сите судови во државата постои нагорен тренд во решавање на приливот на предмети, општ е впечатокот дека многубројните новинарски екипи повеќе се заинтересирани за конкретен случај.
Имено, пред два дена тетовскиот суд одлучи да пушти од притвор две лица, Мета Шкљзен и Мета Арлинд, кои пред десетина дена среде Тетово нападнаа граѓани, а повредија и полицаец, сечејќи го со нож по лицето.
По чија наредба се пуштени двајцата водачи на навивачката група „Балисти“, иако имаа одреден 30-дневен притвор, а во притвор поминаа само 10 дена, министерот не сакаше да каже. На конкретното прашање само кусо одговори: „Јас не ги контролирам судовите“.
Според тетовскиот суд, тие се пуштени на слобода бидејќи сите сведоци на кои можеле да влијаат се испитани и не постои опасност да влијаат врз истрагата. Истражниот судија проценил дека мерката притвор од 30 дена може да биде прекината.
На истата тема вчера се огласија и либералдемократите, кои го прашаа министерот Беџети дали под ефикасно судство го смета ослободувањето на двајцата насилници.
Откако Шкљзен и Арлинд беа уапсени, навивачката група на „балистите“ се закани дека ќе прават нереди ако нивните водачи не бидат пуштени од притвор.
Министерот Беџети вчера немаше прецизен одговор што планираат да направат околу исполнувањето на старо-новите обврски од Брисел во поглед на ефикасноста на судството. Само рече: „Имаме план, нашите планови се јавни“.
|