На Хрватска ќе и' се случи разорен земјотрес?
Загреб - Сеизмолозите тврдат дека е можно во Хрватска да се случат серија разорни потреси, а најзагрозени подрачја се градот Загреб и неговата околина и Дубровник и неговата околина.
„Постои цела низа други подрачја, но овие две се најмногу населени и најчуствителни подрачја“, изјави Иво Алегрети од Сеизмолошката служба на Хрватска од Геофизичкиот отсек на Прирoдно-математичкиот факултет во Загреб. Државната управа за заштита и спасување во минатата година направи документ - Проценка на загрозеноста на Хрватска од природни и техничко-технолошки катастрофи и големи несреќи.
Во тој документ се дадени процени за штетите од таков земјотрес. Груб заклучок може да се искаже со матрицата на оштетеност на становите изградени само до 1964 година, за оние жупании што се наведени дека се наоѓаат во сеизмичкото подрачје од десетти степен, каде што 50 отсто од становите би биле значително оштетени. Многу би се урнале, а поголем дел би бил несоодветен за живеење, се наведува во документот. Алегрети предупредува дека податоците се недоволно квалитетно обработени. Ние имаме добри податоци, но тие треба модерно да се обработат, бидејќи станува збор за подрачја од науката, кои секојдневно со големи чекори напредува, и ако на момент се' застане, многу се пропушта, вели Алегрети. (МИА) |