БП била информирана дека ќе се случи катастрофа
Работник на платформа алармирал за истекувањето неколку недели пред експлозијата
ВАШИНГТОН - Работник на платформата „Дипвотер хорајзон“ за Би-Би-Си изјави дека го забележал истекувањето во безбедносната опрема неколку недели пред експлозијата. Тајрон Бентон изјави дека истекувањето не било навремено санирано, туку наместо тоа, дефектната направа била затворена и била поставена друга. БП соопшти дека сопствениците на платформата „Трансоушн“ се одговорни за операцијата и за одржувањето на тој дел од опремата. „Трансоушн“ соопшти дека направата била успешно тестирана пред несреќата.
На 20 април кога експлодира платформата „Дипвотер хорајзон“ и кога загинаа 11 работници, спречувачот на пукање (БОП), како што е позната направата, потфрлила. Најкритичниот дел од безбедносната опрема на платформата, се дизајнирани да спречат катастрофи, како што е истекувањето на нафтата во Мексиканскиот Залив. БОП има големи ножици што се дизајнирани да ја пресечат и да ја затворат главната цевка на изворот. Контролните панели, всушност, се мозокот на БОП и содржат електроника и хидраулика. Тука, вели Бентон, бил проблемот. „Ние забележавме истекување во панелот и штом го забележавме тоа, го информиравме претставникот на компанијата“, изјави Бентон за првичниот проблем што го идентификувал. „Тие имаат контролна просторија од каде што може да го исклучат панелот и да се приклучат на друг за да не мора да се запре производството“.
Професорот Тад Пацек, експерт за нафта на Универзитетот во Тексас, беше остар во своите оцени: „Тоа е неприфатливо. Ако се забележи каков било доказ за несоодветно функционирање на БОП, веднаш треба да се поправи со сите можни средства“. Бентон изјави дека неговиот супервизор испратил електронска порака и до БП и до „Трансоушен“ за истекувањата кога тие биле откриени. Тој додаде дека не знае дали оштетениот панел бил повторно вклучен пред несреќата или не. Уште додава дека поправката на контролниот панел би значело привремено стопирање на дупчењата на платформата во време кога БП би ја чинело 500.000 долари дневно за работа на „Дипвотер хорајзон“.
Хенри Ваксман, демократ во Претставничкиот дом, кој ги надгледува конгресните истраги околу несреќата на платформата, го обвини БП за нецелосно почитување на безбедносните норми за да се заштедат пари. „БП изгледа донел повеќе одлуки од економски причини што ја зголемија опасноста за катастрофален дефект на изворот“, вели Ваксман.
Извршниот директор на БП, Тони Хејвард, изнесувајќи докази пред Конгресот, изјави: „Ништо не забележав во доказите што би сугерирало дека некој ги ставил трошоците пред безбедноста, ако тоа се открие, тогаш ќе преземеме мерки“. Конгресот идентификуваше голем број други проблеми кај БОП, вклучувајќи и проблеми во дизајнот, неочекувани модификации и фиксна батерија. (Би-Би-Си) |