Медведев ја затвори славината за Белорусија
„Гаспром“ најави заладување на односите меѓу раководствата во Москва и во Минск
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Од вчера Белорусија повторно е на гасна диета поради тоа што „Гаспром“ нема намера да и го продава синото гориво на вересија. Иако во Москва вчера изутрината пристигна делегација од Минск, раководството на „Гаспром“ одлучи цврсто да се држи до договорот, па за 15 отсто ја намали испораката на гас, а ако Белорусија и натаму не го плаќа долгот набрзо, протокот ќе биде намален за 85 отсто. Почетокот на намалувањето на испораката на гас од „Гаспром“ многумина го доживеаја како „јавно дисциплинирање“ на Александар Лукашено.
Симптоматично е тоа што претседателот Медведев вчера пред малите екрани му издаде наредба на Алексеј Милер, претседател на „Гаспром“, да ги затвори славините инсистирајќи соседите да го платат долгот со цврста валута, а не со путер, сирење или колачи. Медведев изјави дека според руските закони, дознаките, односно плаќањата од странство би можеле да бидат само во валута. Имено, Милер изјави дека Белорусите не го негираат долгот, но бараат да платат со трактори, машини и други производи.
Договорената цена на гасот по која Белорусија го купува од „Гаспром“ синото гориво е 169 долари за 1.000 кубици. Меѓутоа, во Минск се одлучија да плаќаат 150 долари за 1.000 кубици, па се создаде разлика од 192 милиона долари. Во „Гаспром“ тврдат дека до крајот на годинава може да се создаде долг од 500-600 милиони долари.
Гасни конфликти меѓу Москва и Минск имаше и порано. Да потсетиме дека во 2006 година раководителите на двете земји долго не може да се согласат околу цената на гасот и транзитот. Договорот беше постигнат пред нова година, така што во 2007 година гасот течеше нормално. Имаше проблеми и на крајот од 2009 година. Се работеше за долг од 240 милиони долари. Една година претходно „Гаспром“ имаше ��роблеми со наплатата на испорачаниот гас за Украина.
Во Минск новата одлука на Кремљ и „Гаспром“ ја оценуваат како „реванш на империјата“. Нема сомнеж дека и овој спор ќе биде решен. Меѓутоа, неспорно е дека и покрај неодамнешните бакнувања во Подмосковјето кога се сретнаа Медведев и Лукашенко, односите на раководствата на двете земји не се добри. Сегашниот премиер Владимир Путин уште додека беше претседател на Русија имаше јавни судири со Лукашенко.
Во времето на владеењето на Елцин руските олигарси го сатанизираа претседателот Лукашенко на кој тој не им дозволуваше за „ситни пари“ да ги приватизираат белоруските фабрики.
Сегашните затегнати односи би можеле да доведат до тоа Лукашенко да почне да бара, по принципот на Украина, и Белорусија да ги наплатува воените услуги на Русија, пред се', за радарската база во Барановичи.
Не е тајна дека белорускиот парламент не ја ратификуваше спогодбата за царински сојуз меѓу Русија, Казахстан и Белорусија која би требало да се применува од 1јули. Во Минск се незадоволни што Русија има намера да го задржи правото сама да наплатува експортна царина на нафтата и дериватите кои се извезуваат од таа земја. Досега Белорусија купуваше нафта по поволни цени од Русија, а по преработката во двете свои големи рафинерии ја експортираше на Запад. Разликата во цената остануваше во буџетот на Белорусија. Сега Русија е подготвена на Белорусија да и' ја продава без царина само онаа количина на нафта што и' е потребна за домашна употреба. Поради тоа белорускиот парламент одбива да го ратификува Договорот за царински сојуз.
Во Кремљ не се задоволни ни со тоа што Белорусија како најверен сојузник не им пружи поддршка и ги призна Абхазија и Јужна Осетија. На руското раководство не му се допадна и тоа што Лукашенко му даде азил на соборениот претседател на Киргистан, Курманбек Бакиев. Сето ова се одразува на кочење на процесот на реализација на плановите за создавање на заедничка држава меѓу Русија и Белорусија.
Во руските политички кругови може да се слушне дека Москва нема да го поддржува Лукашенко на новите претседателски избори во Белорусија. Неспорно е дека ако нема поголеми економски проблеми во Белорусија, Лукашенко и без туѓа помош лесно ќе победи. Освен тоа, замена на лидерот во Белорусија би можела да донесе и неочекувани пресврти во надворешната политика на таа земја, што на Русија сигурно не би и' било во интерес. |