Пчелите во Европа масовно умираат
Фармерите од Европа се загрижени. Парламентот на ЕУ ја заострува постапката за регистрирање пестициди
Детлеф Фехтнер Дописничко биро на ВАЦ
БРИСЕЛ - Во Европа се јавува се' поголема загриженост за едни од најважните инсекти - пчелите. Во различни региони на Европа доаѓа до драстично изумирање на пчелите. Изминатата година посебно беа погодени Словенија и јужна Германија. Во Хрватска, исто така, има алармантни загуби. Таму бројот на пчелите за 48 часа се намали на пет милиони, се жали конзервативниот експерт за земјоделство во Европскиот парламент, Неил Париш.
Студијата во чие подготвување учествуваа научници, пчелари, земјоделци и градинари укажува на „забележливи варирања на годишно и регионално ниво, со уште поголеми загуби“. Пчеларите посочуваат дека „ загубите од презимувањето“ донекаде се вообичаени. Сепак, ако повеќе од 10 отсто не бидат покриени со студената сезона, состојбата ќе биде „критична“, вели портпаролот на германското Здружение на пчелари, Петра Фридрих. Најновата студија покажува дека во Германија, за среќа, една третина од пчеларите со години немаат пријавено загуби. Од друга страна, секој единаесетти пчелар во просек има загуби од повеќе од 30 отсто.
Причините се многубројни. Институтот „Јулиус Кун“ предупредува дека не треба еднострано да се обвинуваат произведувачите на пестициди. Научниците посочија на таа можност минатата година кога истражувањата покажаа изумирање на пчели во Баден-Вуртемберг. Причината беше фито активната супстанција клотианидин што се користи при садење пченка. Тие сметаат дека е неправедно загубите „да се припишуваат на влијанието од фитосанитарните мерки“.
Најновата студија, во која учествуваа големи хемиски компании, беше претпазлива. Не беа користени лекови и „се очекуваа директните штетни ефекти за пчелите“. Сепак, „останува значително количество од пестицидите чии последици не се познати. Тоа значи дека голем број фунгициди и хербициди, иако во мали дози, може да се откријат во складираниот полен.
Фармерите од Европа одамна алармираа за оваа состојба. Европското лоби „Копа Когека“ признава дека е потребна „итна акција“. Фармерите укажуваат дека 75 отсто од жетвата зависи од „активноста на инсекти кои опрашуваат“.
Европскиот парламент, исто така, бара да се преземат контрамерки. „Алберт Ајнштајн еднаш предвиде дека луѓето ќе имаат само четири години живот ако пчелите исчезнат од Земјата“, предупредува Париш од Европскиот парламент. Парламентот и Комисијата на ЕУ конечно треба да се усогласат. Пратениците треба да работат на промовирање на области за еколошки надомест, каде што ќе има пасишта за пчели или ќе може да се одгледува лисичинка или бела детелина. Првиот успех би бил балансирање на мислењата на пратениците. Усвојувањето на регулативата за одобрување на пестициди зависи од тоа дали ќе се отстранат „неприфатливи, акутни или хронични ефекти врз развојот и преживувањето на колониите од пчели“. Предводникот на Зелените, пратеничката Хилтруд Бреер тоа го гледа како „напредок“ за заштита на пчелите. |