Заменик-министерот за одбрана повреден во сообраќајка
Заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев (31) од Пробиштип и татко и ќерка од Скопје се повредени во сообраќајна несреќа што се случи вчера околу 8,15 часот на патот Куманово - Крива Паланка. Според СВР - Куманово, несреќата се случила кога Димитриев, кој управувал автомобил „сузуки витара“, сопственост на Министерството за одбрана, движејќи се од Кратово се обидувал да се вклучи на магистралниот пат. Тогаш дошло до судир со „шкода октавија“, управувана од Јонче М. (53) од Скопје, во која била и неговата 27-годишна ќерка. „Сите тројца учесници во несреќата се здобиле со телесни повреди и се пренесени во Воената болница во Скопје“, вели Валентина Николовска, портпаролка на СВР - Куманово.
Минатата недела, полесно повреден во сообраќајка беше и министерот за здравство, Бујар Османи. (Г.А.) |