Арамии со фантомки ограбија обложувалница
ТЕТОВО – Двајца маскирани и вооружени крадци ја ограбија обложувалницата „Бет поинт“ во Тетово. Кражбата е случила во неделата околу 20,30 часот. Арамиите, маскирани со фантомки, упаднале во обложувалницата вооружени со автоматска пушка и со пиштол. Едниот од нив, заканувавајќи се со пушка, им наредил на двете вработени девојки да се повлечат во аголот и да бидат мирни. Додека вработените се повлекувале, вториот ограбувач се поткачил и на безбедносната камера залепил лента за да ги скрие трагите за дрскиот грабеж.
Од СВР - Тетово информираат дека од дневниот промет во обложувалницата напаѓачите одзеле 64.000 денари и еден добитен тикет во вредност од 65.000 денари. Откако го извршиле грабежот, побегнале кон Ајдучко Маало во Тетово. Очевидци раскажуваат дека ограбувачите биле на помлада возраст, а според полицијата, тие оставиле траги што ќе овозможат нивно брзо пронаоѓање.
Ограбената обложувалница се наоѓа на булеварот „Маршал Тито“ бр.138, веднаш спроти зелениот пазар во Тетово. Станува збор за една од најпрометните сообраќајници, особено во вечерните часови кога е извршен грабежот. Полицијата трага по крадците. (Г.Е.) |