Ексраководството на „Телеком“ проневерило 4 милиони евра?
Според МВР, ексдиректорите склучиле фиктивни договори со кипарска фирма
Горан Адамовски
Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против четворица странски државјани, поранешни директори во „Македонски телеком“ поради сомневање дека проневериле приближно четири милиони евра. Според пријавата, тие склучиле неколку договори со кипарската фирма „Чаптекс холдингс лимитед“ за наводни консултантски услуги, кои никогаш не биле реализирани.
Кривични пријави се поднесени против Атила Сендреи (56) од Унгарија, извршен директор во „Македонски телеком" и член на Бордот во „Камени Мост комуникации", Роуф Плат (42) од Германија, извршен директор за финансии во „Телекомуникации", Михаил Кефалојанис од Грција, член на Бордот директори во „Камени Мост комуникации" и главниот извршен директор на истата фирма, Золтан Кишиуш од Унгарија, поради злоупотреба на 3.975.000 евра, за кои биле оштетени акционерите во „Телеком“, меѓу кои и Владата како сопственик на 47 проценти од акциите.
Пријавените во периодот 2005-2006 година во пет наврати склучиле договори за консултантски услуги со „Чаптекс холдингс лимитед", кои никогаш не ги употребиле ниту, пак, имале намера, тврдат од МВР.
„Сите договори биле склучени на поединечен износ, не поголем од 990.000 евра (износ до кој членовите биле овластени поединечно да одлучуваат без притоа да имаат обврска да го известат Бордот на директори на ‘Македонски телекомуникации‘, обврска која е задолжителна за договори и плаќања кои надминуваат милион евра“, соопшти МВР.
Кривични пријави се поднесени против Атила Сендреи и тројца негови соработници, исто така странски државјани
Во првите два договора со кипарската фирма се наведени услуги за регулирање на висината на цената на фреквенции, односно подзаконските акти на македонскиот Закон за електронски комуникации. Во двата договора, консултантот требало да обезбеди консултантски услуги за изготвување предлози за законски и подзаконски акти кои во тој период биле во процедура на донесување од страна на македонските законодавни органи, а нивната содржина директно се однесувала на работењето во телекомуникацискиот бизнис.
„Овие договори се беспредметни од причина што тие се склучени по донесување на Законот за електронски комуникации“, велат од МВР.
Во третиот договор биле предвидени услуги и активности поврзани со донесувањето на Законот за работни односи. Предмет на четвртиот договор било истражување на влезот на „Македонски телекомуникации" на пазарот на ТВ-кабелски оператори. И последниот договор бил за наводно рекламирање за издавање телекомуникациски вод
„За вака ‘наводно‘ извршените консултантски услуги од страна на ‘Чаптекс холдингс лимитед‘ од Никозија, за сите пет договори биле изготвени фиктивни фактури кон ‘Македонски телекомуникации‘ и ‘Камени Мост комуникации‘ врз чија основа биле исплатени вкупно 3.975.000 евра во корист на консултантот“, тврдат во МВР. |