Игри без граници со малцинските пратеници
Сега од ВМРО-ДПМНЕ зависи дали помалите заедници ќе добијат загарантирани мандати
Александра М. Митевска
ДУИ попушта, СДСМ не отстапува, а ВМРО-ДПМНЕ дава отпор за обновената идеја за загарантирани пратенички места за партиите на помалите заедници. Темата што ја вжешти пред три години политичката дебата и беше повод за тепачка во парламентот, се врати на дневен ред - овој пат по иницијатива на СДСМ, чие раководство во 2007 година не беше расположено да се воведе пратеничка квота за заедниците, како што тогаш предлагаше ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, социјалдемократите, како што велат самите, еволуираа во ставовите, па во Собранието поднесоа предлог за измена на Изборниот законик, во насока на дополнителни 10 пратенички мандати за Турците, Србите, Ромите, Власите и Бошњаците. Но, сега ВМРО-ДПМНЕ е резервирана за ова прашање. Пратениците од владејачката партија вчера беа воздржани при гласањето за предлогот за донесување закон за измена на Изборниот законик. Поради тоа, предлогот на СДСМ не беше усвоен и нема да може да се врати во собраниската агенда во наредните три месеци.
Вмровците засега немаат став ниту за идејата на нивните коалициски партнери Иван Стоиљковиќ и Кенан Хасипи, гласањето според Бадентеровиот принцип да важи само за пратениците од т.н. национални листи (од листите на партиите на Албанците и на помалите заедници), а не и за парламентарци од малцинствата кои би обезбедиле мандат преку листите на партиите од македонскиот блок. Со ова би требало да се избегне можноста за нарушување на етничката рамнотежа при двојното гласање и така да се одоброволи ДУИ да поддржи загарантирани пратенички места за заедниците. Од ДУИ посочија дека се отворени за иницијативата, со тоа што е прифатлива само опција што нема да го загрози Бадентеровиот принцип.
И социјалдемократите се подготвени да прифатат ваква модификација на нивниот предлог, иако сметаат дека со тоа ќе се воведат двојни стандарди за пратениците. На седница на Извршниот одбор на СДСМ било заклучено да се поддржи последниот предлог, ако тоа е услов за застапеност на помалите етнички заедници во парламентот преку посебни квоти. Опозиционерите посочуваат дека со ова се решава прашање што ги засега коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ и дека ако владејачката партија го прифати предлогот на Стоиљковиќ и на ДУИ, тогаш и СДСМ нема да биде против, иако е нелогично и претставува своевидна дискриминација опцијата Бадентер да важи само за пратеници кои се избрани од квота.
Се наметнува дилема дали предлогот Бадентер да важи само за одредени пратеници од заедниците би можел да се реализира без промена на Уставот, со кој е регулирано двојното мнозинство – согласно со Рамковниот договор. Експерти што ги консултиравме велат дека ова прашање би можело да се разреши во Комитетот за односи меѓу заедниците, кој, согласно со Уставот, има надлежност да решава спорови во врска со примената на уставните одредби со кои е регулирано Бадентеровото одлучување.
Дебатата за малцинските квоти и овој пат ја покачи температурата во законодавниот дом. Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за недоследност околу ова прашање.
Секретарот на СДСМ, Андреј Петров, вели дека со резервирани места за малцинствата ќе се отслика мултиетничкиот карактер на државата, ќе се стабилизираат мултиетничките состојби, ќе се избегне манипулација со гласовите на припадниците на помалите етнички заедници и на околу 200 илјади граѓани ќе им се обезбеди чувство на правична застапеност.
Координаторката на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, оцени дека
предлогот на СДСМ буди многу сомнежи и дилеми што парламентарните партии треба заедно да ги расчистат. „Предлог-законот, ваков каков што е влезен во собраниска процедура, без консензус и консултации со партиите на заедниците, не е ништо друго освен провокација и обид за создавање раздор. Сега повторно фрлате бомба во Собранието со вашиот предлог. Повлечете го и дозволете да се изгради поголем консензус, па потоа да се постави на дневен ред“, рече Бонева.
Според Рафиз Алити од ДУИ, целта на предлогот на СДСМ е да ги скара помалите етнички заедници со ДУИ. Тој обвини дека се прави обид да се злоупотребат помалите етнички заедница на сметка на пратениците Албанци и да се наруши Бадентеровиот принцип и контролниот механизам што го имаат Албанците преку него. „ДУИ е за интервенции во Изборниот законик, но со цел во Македонија да има една или три изборни единици со отворени изборни листи“, рече Алити.
За лидерот на ЛДП, Јован Манасиевски, барањето парламентарниот состав да се зголеми за уште десетмина пратеници е манипулативен и расипнички чин, чија цел е лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, „со ситен политички блеф да се наметне како алтернатива што во некои идни констелации е способна кон себе да ги привлече помалите етнички заедници“.
Во изборните регулативи на повеќето земји од регионот се предвидени квоти за заедниците, со изборен праг од 3 или 5 проценти. Во БиХ се предвидени 15 загарантирани места (по 5 за Срби, Хрвати и Бошњаци), а во Хрватска квотата е од пет до осум мандати. Во Косово десет мандати се резервирани за Србите и уште десет за други малцинства, а во Црна Гора три мандати се определени за албанската заедница.
СДСМ предлага десет места во македонското Собрание да бидат загарантирани за малцинствата, чии политички претставници би се избирале според пропорционален модел во една изборна единица. Турците би имале четворица пратеници, по двајца Србите и Ромите и по еден Бошњаците и Власите. Листа на кандидати за пратеници за овие квоти ќе може да се состави со поддршка од 200 избирачи. |