Фудбалски вести
Сколари залудно го моли Абрамович за нови засилувања
Менаџерот на Челзи, Луис Фелипе Сколари, не отстапува од својата идеја за купување нови фудбалери во зимскиот преоден рок. Но, газдата Роман Абрамович не сака да чуе за такво нешто во време кога економската криза коси се' пред себе. Сколари сака напаѓач, бидејќи е убеден дека Дрогба и Ањелка лошо функционираат заедно. Робињо не успеа да го доведе во текот на летото, а сега е незадоволен од играчите што ги има. Исто така, тврди дека му е потребен нов градител на играта, иако ги има Балак, Деко и Лампард.
„За реорганизација на клубот е потребна свежа крв, тоа е она што го бара Сколари. На Фелипе му се ветени пари за трансфери откако потпиша. Тој сега е свесен дека финансиската ситуација е сменета, но не бара 20 милиони фунти, туку разумна сума“, изјави близок пријател на Сколари.
Венгер: Сега треба да покажеме дека сме силни
Откако остана без движечката сила Саск Фабрегас (може и до крајот на сезоната) менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер, ги повика другите „топчии“ конечно да покажат зошто се една од најдобрите екипи. Арсеналовиот поход на титулата во овој момент се чини нереален, по ремито со Ливерпул во неделата, бројните повреди и минусот од осум бода. Но, Венгер и натаму верува: „Ова е добра шанса да покажеме дека имаме сила да се носиме со губењето на Фабрегас среде сезоната. Секако дека одиме на титулата и без него. Се надеваме дека тој ќе се врати во последниот месец и ќе ни помогне да ја завршиме работата“, посочи Венгер.
Хуго Санчез ја презеде Алмерија
Мексиканската фудбалска лехенда Хуго Санчез е нов тенер на шпанската Алмерија. Тој доаѓа на клупата на овој тим како замена за Гонзал Арконадо, а ќе го води до крајот на сезоната. Инаку, за Санчез ова е прва тренерска работа во Европа: „Тој беше фантастичен играч, но сега е одличен стручњак“, изјави претседателот на клубот Алфонсо Гарсија Габарон.
Санчез како играч седум години го носеше дресот на Реал Мадрид, при што беше пет пати најдобар стрелец во Примера. Денес 50 годишниот Мексиканец тренерската кариера ја почна во УНАМ, а ја водеше и Некакса, како и мексиканската репрезентација.
Бока јуниорс, сепак, првак на Аргентина
Бока јуниорс е нов првак на Аргентина. И покрај поразот од Тигре 0:1 во последниот меч од доигрувањето Бока поради подобрата гол разлика ја освои Апертура.
Како што е познато Бока, Тигре и Сан Лоренцо играа мини лига (ја завршија сезонава со исти бодови) во која освоија по три бода, а на Тигре му недостасуваше само еден гол за да ја совои титулата. Вака за Бока ова е 23 титула првак на Аргентина од 1931 година, кога аргентинскиот фудбал стана професионален. На таа листа води Ривер Плата со 33 титули.
Пенант го одби Реал М., заминува во Виган
Повремениот англиски репрезентативец и играч на Ливерпул, Џермејн Пенант, не се договори со Реал Мадрид па кариерата најверојатно ќе ја продолжи во Стоук или Виган. „Дејли Мејл“ објави дека Пенант е причината за нереализирање на трансферот, бидејќи тој ја одбил понудата на „кралевите“. Проблемот нормално бил во платата. Пенант барал двојно поголема годишна сума од понудените 1,6 милиони евра. Сезонава Пенант не се изнаигра, поточно настапи само во два меча, па затоа и сака да си замине. Сега во оптек е варијантата позајмување. Најблиску до тоа се Виган и Стоук, а фаворит е Виган бидејќи менаџерот на овој тим Стив Брус го има тренирано во младите денови.
Англија не сака да игра во Мадрид поради расизам
Англиската репрезентација одби да го игра пријателскиот меч со Шпанија во Мадрид поради расистичките испади на шпанските навивачи за време на нивниот последен меч на тој стадион. Така, натпреварот ќе се игра на 11 февруари идната година во Севилја.
Вест Хем го продава Белами
Раководството на Вест Хем реши да го продаде Грег Белами, но за сума не помала од 12 милиони евра. Според, пишувањата на англиските весници Велшанецот треба да биде најбараниот играч во зимскиот преоден рок. Засега интерес за него пројавија Астон Вила, Тотенхем, Сити, Селтик. На почетокот на оваа недела Астон Вила за Белами понуди седум милиони евра, плус напаѓачот Марлон Хервуд, но Вест Хем ја одби понудата. Белами дојде во вест Хем во 2007 година, а пред тоа играше за Ливерпул Блекбурн, Њукасл, Селтик, Ковентри и Норвич.
Ограбена куќата на Роналдињо
Само неколку дена откако беше ограбена словачката сензација Марек Хамшик во Неапол, истото тоа му се случи на Роналдињо. Неговата вила во „Галиате Ломбардо“ била ограбена во понеделникот вечерта, само неколку часа откако овој заминал за Бразил каде што ќе ги прослави божикните празници. Полицијата потврди дека ограбувачите успеале да побегнат со десет илјади фунти и неколку часовници. Но, очигледно тие не биле баш подготвени бидејќи не ни влегле во собата за трофеи на Роналдињо, каде се наоѓаат сите негови вредни награди, вклучувајќи ја и „Златната топка“ за 2005 година. |