Македонските ракометари, сепак, во Вараждин
ХРС и градот ги надминаа недоразбирањата со организацијата на групата Ц од СП 2009
Роберт Димитриевски
Групата Ц од 21. Светско првенство 2009 за ракометари, во која ќе се натпреварува и Македонија, најверојатно останува во Вараждин. Натегањата што потсетија на проблемите што му претходеа на Европското првенство за ракометарки во Македонија завршија вчера со устен договор што ќе биде потпишан задутре. Потпретседателот на Хрватскиот ракометен сојуз, Зоран Гобац, и заменикот градоначалник на Вараждин, Златко Хорват, го надминале поголемиот дел од недоразбирањата и постигнале договор за коорганизација на групата. Од седиштето на ХРС и информацијата дека начелен договор постигнале и со Пореч, кој е домаќин на групата Д и со кого исто така треба да склучат договор в сабота. Со Загреб, Сплит, Задар, Пула и Осиек веќе е потпишано.
Оваа вест од главниот град на Хрватска значително ја намали тензијата во Ракометната федерација на Македонија, која ненадејно се најде во непријатна положба по најавите дека групата од Вараждин може да се пресели во Загреб, за што Гобац тврдеше дека има писмена согласност и од претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа. Со оглед на краткото време до почетокот на мундијалот (16 јануари), а имајќи ги предвид и неработните денови поради божикните и новогодишните празници, евентуалната преселба од градот оддалечен 80 км во хрватската престолнина ќе создадеше главоболки со сместувањето, промената на салата и сл.
Македонските ракометари во Вараждин ќе стартуваат на 17 јануари против Тунис, наредниот ден ќе играат со Алжир, а ден потоа и со Полска. По слободниот ден следуваат и дуелите со Германија и со Русија. Трите најдобри селекции од групата ќе продолжат во вториот круг во Загреб, а трите последнопласирани во Пореч ќе разигруваат за пласман од 13 до 24 место во т.н. „Куп на претседателот“.
Избраниците на селекторот Иле Темелковски од понеделникот ги одработуваат еднонеделните висински подготовки на Златибор. Вчера на 17. соиграчи од националниот тим требаше да им се приклучи и голманот на француски Трембле, Петре Ангелов, а репрезентацијата ќе се комплетира на турнирот близу Цирих по Нова година, кога ќе дојдат и „Германците“ Владимир Темелков и Влатко Митков. Таму Македонија од 2 до 5 јануари ќе ги одмери силите со Саудиска Арабија, со Турција и со домаќинот Швајцарија, а последниот тест ќе го има на 10 и 11 јануари во Скопје против Црна Гора. За Хрватска се заминува на 14 јануари.
Бранд бара победа на секој натпревар
Германскиот селектор Хајнер Бранд гледа максимално опти��истички на претстојното Светско првенство во Хрватска.
„Сакам победа во секој натпревар. Целта е реална, иако ќе настапиме со неколку играчи со мало меѓународно искуство“, изјави 56-годишниот трофеен тренер во интервјуто за „Хандбалвохе“, и покрај дебаклот на Олимписките игри во Пекинг, каде што светскиот шампион заврши дури на деветтото место.
Македонија со Германија ќе се сретне на 21 јануари во Вараждин во рамките на групата Ц од првата фаза. |