Милка Форцан, сепак, останува во „Делта холдинг“
Потпретседателката на „Делта холдинг“, Милка Форцан, сепак, останува во најмоќната компанија во Србија. Од „Делта“ официјално за „Утрински весник“ изјавија дека Форцан не ја напушта компанијата, туку само презела поинакви обврски. Поточно, во иднина таа ќе се занимава со позиционирањето на „Делта холдинг“ во странство и со воспоставување контакти со меѓународни институции, што моментно е од исклучителна важност за компанијата, со оглед на нејзината интенција да се проширува во странство.
Српските медиуми минатата недела објавија дека Милка Форцан заминува од „Делта“ и дека ќе се посвети на приватен бизнис. Таа во најмоќната српска компанија е цели 16 години, а во последните години беше потпретседател и важеше за човек од најголема доверба на газдата на холдингот, Мирослав Мишковиќ. (Б.А.) |