„Порше“ и „Фолксваген“ ги зголемуваат своите империи
„Порше“ доби одобрение од својот надзорен борд за зголемување на уделот во „Фолксваген“ на повеќе од 50 отсто
ФРАНКФУРТ - Создавањето империи се' уште опстојува во Европа, каде што „Порше“ се' повеќе му се приближува на „Фолксваген“, додека, пак, „Фолксваген“ го купи контролниот пакет на ривалскиот произведувач на камиони. Произведувачот на спортски автомобили „Порше“ доби одобрение од својот надзорен борд за зголемување на уделот во „Фолксваген“ на повеќе од 50 отсто, од сегашните 31 отсто. Се наведува дека нема да купи дополнителен пакет-акции се' додека не добие одобрение за договорот од европските и други регулатори.
„Фолксваген“ обелодени дека ќе ја преземе контролата врз шведската компанија за производство на камиони „Сканија“, со купувањето на акциите од семејството Валенберг. Тоа ќе му го отвори патот на „Фолксваген“ да ја поврзе „Сканија“ со МАН, во кој исто така тој е голем акционер, и со сопствениот оддел за комерцијални возила, формирајќи го на тој начин најголемиот производител на камиони во Европа.
„Порше“ и „Фолксваген“ инсистираа на тоа дека потезите не се поврзани, иако аналитичарите забележуваат дека „Порше“ како мнозински сопственик на „Фолксваген“ ќе има поголемо влијание во одлучувањето како ќе се организираат операции за производство на камиони. „’Порше‘ треба да одлучи што да прави со компаниите за камиони“, вели Фердинанд Дуденхофер, директор на Центарот за истражувања во автомобилизмот во Гелзенкирхен. „Со одлуката веднаш од 31 да се премине на 50 или 51 отсто сопственост на ’Фолксваген‘, ги става во позиција да одлучуваат што понатаму“.
И двете објави ги рефлектираат долго време одгледуваните амбиции кај „Порше“ и „Фолксваген“. „Порше“ почна да купува акции во „Фолксваген“ кон крајот на 2005 година, а неговиот основач Фердинанд Порше го дизајнираше претходникот на „бубамарата“ и ја постави основата на компанијата.
„Фолксваген“, кој веќе осум години е сопственик на пакет-акции во „Сканија“, уште од септември 2006 година се обидува да создаде тринасочен сојуз за производство на камиони, кога го блокираше обидот на МАН да ја купи „Сканија“. „Забележав комбиниран потенцијал меѓу ’Сканија‘ и ’Фолксваген‘“, вели Мартин Винтеркорн, извршен директор на „Фолксваген“ во Стокхолм по објавувањето на договорот во вредност од 4,3 милијарди долари. Винтеркорн рече дека „Сканија“ ќе остане независен бренд кај камионите, со седиште во Шведска и со сопствен менаџмент. Како сојуз, „Фолксваген“, МАН и „Сканија“ ќе бидат рангирани многу подобро од „Дајмлер“ од Германија и „Волво“ од Шведска.
„Порше“ упати слични ветувања до „Фолксваген“ за независност, во обелоденувањето на плановите за обезбедување на мнозинскиот пакет-акции. Уште додаде дека нема да ги интегрира производителите на автомобили кои се на спротивните краеви од автомобилскиот спектар. „Наша цел е да формираме еден од најмоќните и најиновативните автомобилски сојузи во светот, кој ќе биде способен да одговори на зголемената меѓународна конкуренција“, изјави извршниот директор на „Порше“ Венделин Видекинг по специјалното гласање на бордот. Видекинг изјави дека „Фолксваген“ треба да се натпреварува со „Тојота“ од Јапонија за да биде број еден произведувач на пазарот, висока цел со оглед на намаленото присуство на „Фолксваген“ на пазарот во САД.
Извршните директори во „Порше“ изјавија дека очекуваат процесот за добивање регулаторно одобрување да трае неколку месеци, но тој веќе ја мина најважната пречка - Европскиот суд на правда - кој во октомври го собори германскиот закон со кој се штитеше „Фолксваген“ од непожело преземање. „Порше“ веќе има опции за акциите на „Фолксваген“, што би му овозможил за кратко време да насобере мнозинство акции. Винтеркорн посочи дека „Фолксваген“ го поздравува зголеменото инвестирање, иако вработените во „Фолксваген“ жестоко се противеа на тоа, врз основа на фактот дека со тоа би се разводнил нивниот глас во една поголема компанија. Германската влада осмисли нов закон со кој ќе се заштитат правата на работниците во „Фолксваген“.
Потегот на „Порше“ беше очекуван откако Видекинд изјави дека е потребно да се поседува поголем пакет-акции во „Фолксваген“ за да се има соодветно влијание над стратегијата на произведувачот на автомобили. „Фолксваген“ и „Порше“ соработуваат во процесот на производство на спортски возила, а „Порше“ планира да го произведе својот најнов модел „панамера“ со четири врати во фабриката на „Фолксваген“ во Хановер.
(Интернешенел хералд трибјун) |