Текстилците шијат турбо
Нарачателите на облека, чиј поглед беше свртен кон Кина и масовното производство, се враќаат на европска почва
Александрија Стевковска
Кризата помина за текстилците. Капацитетите работат со полна пареа, турбо се шие облека за странските купувачи. Нарачателите на облека, чиј поглед беше свртен кон Кина и масовното производство, се враќаат на европска почва. Малите серии, брзите рокови на испорака беа и останаа главен адут на македонските текстилни компании за привлекување странски партнери. „Ситуацијата во текстилната индустрија е многу подобра од ланската. Капацитетите работат целосно. Причините лежат во враќањето на довербата на трговските партнери во македонските капацитети и овдешното производство. Тие селат дел од производството во Европа, наспроти претходниот тренд за лоцирање на производството во Кина. Се покажа дека европското производство е подобро бидејќи се работат мали серии, а има брз рок на испорака, што е по вкус на купувачите, за кратко време да имаат на избор различни парчиња облека. Врз овој тренд поволно влијае заминувањето на кризата и враќањето на луѓето кон потрошувачките навики за купување текстил“, вели извршната директорка на Кластерот за текстил, Наташа Сивевска.
Летово ќе се плива добро на брановите на зголемени нарачки за лон изработка на облека, а од есен кога треба да се прават договори за новата сезона, никој не знае што ќе се случува, дали интересот за македонското текстилно производство ќе остане актуелно или, пак, ќе се намали.
„Моментално имаме полни раце работа. Капацитетите работат целосно. Сепак, останува притисокот на цени од конкуренцијата од Исток, која ги спушта цените на нашите услуги, во комбинација со зголемување на цените на памукот на светските берзи. Како и да е, сега добро работиме, но ќе видиме што ќе се случи од септември кога настапува вакуум период на промена на сезоните, па не знаеме што ќе биде со нарачките. Се надеваме дека позитивниот тренд за работење ќе продолжи и дека текстилната индустрија застана на нозе, со оглед на тоа дека кризата ја оставивме зад нас“, вели Ангел Димитров од светиниколска „Мода“.
Сепак, и покрај евидентниот пораст што го бележи текстилната индустрија, оваа гранка не е целосно застаната на нозе поради што се' уште бара мерки за спас. Една од нив е плаќање на придонесите врз основа на остварената плата, а не врз минимално одредената плата во државава. Покрај тоа, се бараат и подобри услови за финансирање на набавката на репроматеријали и намалување на царинските стапки за увоз на суровини од Кина.
Во македонската текстилна индустрија најзастапено е лон-производството, кое во извозот на облека учествува со 93 отсто. Во македонската текстилна индустрија работат околу 40 илјади работници, или околу 40 отсто од вкупниот број вработени во преработувачката индустрија. Тие остваруваат 20-22 отсто од вкупниот извоз на Македонија во странство. Просечната нето-плата на текстилните работници изнесува 9.500 денари. |