Македонија испрати нов специјален претставник во ЕУ

Нов македонски специјален претставник во ЕУ од денеска е Дејан Ѓоршовски, кој на новата функција во Брисел доаѓа од Мисијата на Европската комисија во земјава. Ѓоршовски, чиј мандат како специјален претставник за прашања поврзани со ЕУ стартува од денеска, македонската Влада на функцијата го именуваше минатата седмица. Неофицијално се дознава дека тој ќе замине за Брисел до крајот на седмицава.
Од македонската Влада информираат дека Ѓоршовски во Брисел ќе работи во координација со нашата мисија во ЕУ. Именувањето на Ѓоршовски, како што изјави портпаролот на Владата, Мартин Мартиновски, направено е со цел „да се зајакнaт капацитетите на Македонија во овој клучен период и да се овозможат подобри резултати, имајќи ја предвид потребата од наше зајакнато присуство во ЕУ“.
Ѓоршовски (30), кој и' е непознат на пошироката македонска јавност, во Мисијата на Европската комисија работеше од 2006 година, како советник на евроамбасадорот Ерван Фуере за прашања поврзани со програмата ИПА. Тој претходно работел во Секретаријатот за европски прашања на македонската Влада.
Ѓоршовски како специјален претставник на Македонија во ЕУ доаѓа на местото на Никола Димитров. (Т.Г.)
|