Обелоденети нови документи за случајот на Ел Масри

Меѓународниот трибунал за човекови права се согласил да го преземе случајот на германскиот државјанин Калед Ел Масри, кој беше „предаден“ во таен затвор на ЦИА во Авганистан и малтретиран, поради погрешно идентификување. Ова го пишуваат американските медиуми, наведувајќи дека ваквата одлука доаѓа три дена откако тамошното Министерството за правда ги обелоденило документите во кои се опишани неверојатни детали за тајната програма на ЦИА за предавање.
Според медиумите, Американското здружение за граѓански слободи (АЦЛУ) во април поднело петиција заедно со Меѓуамериканската комисија за човекови права (ИАХЦР) во името на Калед Ел Масри, камионџија, кој четири месеци беше во затвор. Тој тврдеше дека во декември 2003 година цели 23 дена бил држен во Македонија од страна на тајните служби, пред да и' биде предаден на ЦИА.
Според наводите во петицијата, Ел Масри бил тепан, соблекуван гол и дрогиран пред да биде качен на авион за Авганистан. „По неколку испрашувања во тајниот затвор, ЦИА сфатила дека имаат погрешен човек. Во мај 2004 година, ЦИА го става Ел Масри, со превез околу очите, во авион и го остава на планина во Албанија. Тој никогаш не беше обвинет за некакво злосторство“, наведуваат медиумите во САД.
Во петицијата се бара Меѓуамериканската комисија за човекови права да соопшти дека програмата на ЦИА за предавање затвореници претставува непочитување на „Американската декларација за правата и должностите на луѓето“, инструмент стар шест децении за човековите права што и' претходеше на Универзалната декларација за човековите права, чиј потписник се и САД, да заклучи дека се прекршени правата на Ел Масри според таа декларација и да предложат САД јавно да се извинат за киднапирањето и малтретирањето на Ел Масри.
Американските власти, според медиумите, имаат два месеца да одговорат на наводите за киднапирање и малтретирање. Овој случај го привлече вниманието на светската јавност кога официјални претставници од службата за спроведување на законот во Германија, откако три години ги истражуваа тврдењата на Ел Масри, поднесе обвиненија против 13 агенти на ЦИА за директна инволвираност во случајот. Во тек е истрага од страна на германскиот парламент. (Д.Т.)
|