Број 3270  четврток, 29 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Култура

Откриени коските на Караваџо, но не и неговата судбина

Антропологот Џорџо Групони е познат по тоа што го реконструираше лицето на ренесансниот поет Данте Алигиери, а сега истражува од што починал контроверзниот зачетник на сликарството кјароскуро

Невена Поповска

Освен што неговите слики се изложуваат во неколку најугледни галерии низ светот, во галеријата „Боргезе“ во Рим од неодамна се изложени и коските, посмртните останки на големиот ренесансен сликар Микеланџело Мериси, познат како Караваџо.

Коските за кои се верува дека му припаѓаат на „првиот уметник на светлото и сенката“, кој го отвори патот на сликарството на барокот, ги откри геологот Антонио Морети во црквата Порто Ерколе. Кутијата со коските ги проучуваше антропологот Џорџо Групони од Болоњскиот универзитет. На проучувањето на коските, споредбата на ДНК-анализата со познати потомци од членовите на семејството на Караваџо, се работело се' до моментот кога коските на Караваџо требало да бидат изложени, а потоа повторно закопани, како што велат организаторите, на „посоодветно место“. Каде ќе биде тоа – се' уште не е објавено.

Групони, кој е познат по тоа што го реконструираше лицето на ренесансниот поет Данте Алигиери, сака да открие како умрел Караваџо. За тоа постојат неколку противречни теории и преданија. Мајсторот на кјароскуро (chiaroscura) според едни е убиен од верски причини, додека други тврдат дека е пронајден на пустиот морски брег, мртов од маларија. Трети, пак, се приврзаници на теоријата дека починал во Лазарет од тифус. За Караваџо, исто така, се врзуваат контроверзни наоди од типот: дека бил во состојба да започне силни и насилни караници, дека често завршувал во затвор, дури и дека убил некого. Некои тврдат дека умрел на пат за Рим, каде што тргнал да бара милост за себе од папата. Но, исто како што не се знае точно причината за неговата смрт во 1610 година, не е позната ниту точната година на неговото раѓање. Се смета дека тоа е 1571 или 1573 година.

Натуралистичкиот гениј Караваџо живеел како во акциски филм. Бизарни теми, неговата наклоност кон вулгарности и гротески честопати предизвикувале револт во околината. Нагласената телесност во неговите слики е неспоредливо поблага од мрачните страни на карактерот на Караваџо. Бил нападен, безделничел и се тепал по крчмите и улиците, се судирал со папската полиција. Ова е описот на жестокиот темперамент на сликарскиот гениј на италијанскиот барок, Микеланџело Мериси да Караваџо, чија 400-годишнина од смртта се одбележува годинава. Римската галерија „Боргезе“ го започна чествувањето со ��зложбата на дела од овој гениј, чиј живот личи на американски акционен филм! Споредбата со филмот не престанува тука, бидејќи Караваџо бил изразит сликарски натуралист, чиј автентичен приказ на стварноста или сопствените фантазмагории не заостанува зад најстрашните глетки на денешните филмски хорори. И покрај приказите во кои св. Тома ја отвора Христовата рана или сцената во која Јудита ја отсекува главата на Холоферн, сликите на Караваџо се ремек-дела. Тој го сакал животот повеќе од класиката. Мајсторот на кјароскуро-техниката совршено владеел со светлото и сенката со што неговите дела добиваат на драматика. Силните млазови светлина, односно „светлина од подрум“, главно, стануваат средство во сликарските композиции на Караваџо. За разлика од умерената струја на сликарскиот барок, која сакала класицистички мотиви, Караваџо го сакал животот и сликал сцени од животот. Историчарите бележат податок дека намерно во своите дела го прикажувал „неугледното и неубавото наспроти возвишеното“. Во кафеаните што ги сакал имало доволно материјал за тоа. Еден од неговите три биографи Г.П.Белори забележува дека Караваџо сретнал Циганка и ја повикал во гостилницата за да ја наслика како гата од дланката на некое момче.

Во 1603 година бил повикан на суд поради навредливи стихови. Но, откако повеќе пати бил принуден да бега од Рим, на 30 мај 1606 година морал да го напушти засекогаш, по една тепачка во која умира неговиот соперник. Тогаш почнува егзодусот на Караваџо, чиј крај се расплеткува дури во поново време, и се' уште не е готов.

На крајот од 1609 година требало да добие простување од папата и тоа требало да го врати Караваџо во Рим, но не се случило тоа. По патувањето на Малта, во Сиракуза, Месина и Неапол, сликарот, кого портретистите го прикажуваат како мал и неугледен, но не и антипатичен, конечно, требало да се стабилизира во Рим. Но, таму Караваџо не стигнал жив. Оттогаш се појавија многу теории за причината на неговата смрт, а на Болоњскиот универзитет ги истражува антропологот Џорџо Групони со група научници.


#
Статијата е прочитана 351 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Графика на Рембрант за 65 години „Остен“
„Дисциплина кичме“ ќе го затвори Скопскиот филмски фестивал
Танцот е универзален јазик
Гран-при за штипска „Бегалка“ на „Страда маестра“
„Мисија Лондон“ во септември во Скопје
Дела со св. Климент го исполнија Отвореното графичко студио