Број 3270  четврток, 29 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Култура

„Мисија Лондон“ во септември во Скопје

Бугарскиот филм во режија на Димитар Митовски, во кој Македонија е копродуцент, со огромна гледаност во Бугарија

Сунчица Уневска

Бугарскиот филм „Мисија Лондон“, кој е направен во копродукција со четири земји, меѓу кои и Македонија, на 16 април ја имаше својата официјална премиера во Бугарија. Филмот е во режија на Димитар Митовски, а е направен според романот на Алек Попов „Мисија Лондон“, кој кај нас го издаде Редакцијата „Детска радост“ во превод на Александар Прокопиев. Станува збор за интернационална копродукција, во која покрај Бугарија, учествуваат: Македонија, Шведска, Унгарија и Велика Британија, а филмот е поддржан од „Еуроимаж“ и од програмата „Медија“ на Европската унија.

„Мисија Лондон“ е комедија што се одигрува во една источноевропска амбасада во Лондон. Дејствието се фокусира околу доаѓањето на новиот амбасадор Варадин Димитров, чија приоритетна задача е поврзана со градењето нов европски имиџ на својата земја. Се разбира, сето тоа ќе отиде во сосем друг правец, додека вработените во амбасадата предводени од првата дама го подготвуваат приемот и спектакуларниот концерт на кој се очекува британската кралица. Во филмот има доста мешана екипа. Главната улога на Варадин Димитров ја игра бугарскиот актер Јулијан Вергов, кој веќе има интернационална кариера. Во екипата се вклучени и познатиот американски актер Томас Арана, кој играше во високобуџетните „Гладијатор“ и „Перл Харбор“, а, исто така, и познатите британски актери: Ралф Браун, Алан Форд и Розмари Лич, како британската кралица. Од Македонија во филмот играат Мето Јовановски, во улогата на македонскиот амбасадор и Кирил Псалтиров, како сопственик на еден ресторан во Лондон. А од авторската екипа, Македонец е и директорот на фотографија Ненад Бороевиќ, кој веќе има соработувано доста со Митовски на реклами во Бугарија, а ова е негов прв долгометражен проект.

Како што ни рече продуцентот од Македонија, Огнен Антов, тој бил вклучен уште во подготовките на овој филм, кои започнаа во 2006 година. Книгата „Мисија Лондон“ беше голем хит и досега е преведена во повеќе од 30 земји, меѓу кои и во нашата, така што довербата во нејзината екранизација беше голема. Овој проект ја доби поддршката на „Еуроимаж“ уште пред Македонија официјално да го поддржи нашето учество во него. Подоцна Филмскиот фонд ја даде својата поддршка и му одобри шест милиони денари, така што заедно со влогот на „Дрим фактори“ нашето учество во проектот е над 12 проценти. Инаку, целиот буџет на филмот е 1,3 милиони евра.

Инаку, премиерата и дистрибуцијата во Бугарија, како што пренесува продуцентот Антов, но и како што пишува „Вараети“, поминува одлично. Само во текот на викендот „Мисија Лондон“ во Бугарија го виделе 46.300 гледачи и како што нагласува „Вараети“, гледаноста на овој филм е само за 2.000 гледачи помала од целокупната гледаност на големиот хит „Аватар“ во оваа земја. Според „Вараети“, филмот „Мисија Лондон“ се наоѓа на трето место според бројот на продадени билети за неговото премиерно прикажување, односно пред него се само „Ѕвездени војни 3“ (69.090 билети) и „Ледена доба 3“ (65.131). Ова е дотолку поинтересно ако се знае дека во последниве 25 години посетата на бугарски филмови во земјата била многу сиромашна. Филмот, кој е веќе познат како „комедија на грешки“, навистина има многу повеќе забавна содржина, но сево ова, а и земјите вклучени во неговата продукција, како и веќе договорената интернационална дистрибуција со британската „Стелт медија“, ветуваат многу. На крајот да кажеме дека премиерата во Македонија, според Огнен Антов, ќе се случи некаде во почетокот на септември, а во меѓувреме се очекува и негова фестивалска светска премиера.


#
Статијата е прочитана 476 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Графика на Рембрант за 65 години „Остен“
„Дисциплина кичме“ ќе го затвори Скопскиот филмски фестивал
Откриени коските на Караваџо, но не и неговата судбина
Танцот е универзален јазик
Гран-при за штипска „Бегалка“ на „Страда маестра“
Дела со св. Климент го исполнија Отвореното графичко студио