Каде сте Македончиња?
Ниту една земја од шенген-зоната не реагирала досега за проблем со илегална имиграција од Македонија, иако бројката на македонски граѓани,кои официјално се водат дека се надвор од земјава, е 442.000
Тамара Грнчароска
Азилантскиот бран од Македонија што ги разбранува земјите од шенген-зоната не е проследен со голем бран имиграција од земјава. Потврда за тоа е немањето реакции од земјите од шенген-зоната за зголемен број регистрирани илегални имигранти, што го потврдија вчера и од македонското Министерството за надворешни работи, но и од амбасадите на некои од европски земји, кои се традиционални имигрантски дестинации за македонските граѓани. „Немаме реакции од ниту една земја од шенген-зоната за проблем со илегална имиграција од земјава“, информираат од МНР.
Официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека 574 македонски граѓани се фатени и депортирани како нелегални имигра��ти од шенген-зоната од 1 јануари до 20 октомври оваа година. Најмногу депортирани има од Германија (153), а во Швајцарија се фатени како илегалци и вратени 143 македонски граѓани. Нелегален престој во помал број е регистриран и во другите европски земји, па така следна на листата е Норвешка - со 84 депортирани македонски граѓани. Шведска, во која само во септември барање за азил поднеле 146 лица од Македонија, поради илегален престој, вратила само 19 лица, а Белгија како трета на листата според азиланти од земјава за десет месеци вратила 21 лице поради илегален престој. Пред неа, на списокот се Грција со 39, Австрија - 28 и Италија со 23 депортирани македонски граѓани.
Од швајцарската амбасада ги потврдија бројките за депортираните илегалци од Македонија, но велат дека не се контактирани од матичната земја за каков било проблем со илегална имиграција од нашата земја. „За тоа не не' контактираа и не е разговарано“, наведуваат од амбасадата. Неофицијално дознаваме дека и во германската амбасада во земјава нема допис за проблем со илегална имиграција од Македонија. Од наши извори дознаваме дека доколку илегалната имиграција претставува голем проблем, досега би бил испратен допис до Скопје. Од амбасадата на Германија официјално информираат дека немаат конкретни податоци за илегални имигранти од Македонија, но дека бројката на баратели на азил од земјава од јануари до денес е речиси 1.500, што е повеќе од десеткратно зголемување споредено со само 109 апликации во 2009 година.
За азилантскиот бран, пак, информациите од Швајцарија се дека тој во изминатите месеци драстично се намалил. По 166 баратели на азил само во февруари вкупната бројка, заклучно со септември, е 332 барања за азил од македонски граѓани.
Македонските власти чии институции немаат механизам да ја следат имиграцијата од земјава, особено илегалната, информираат дека единствени податоци за тоа ги добиваат од земјите каде што се регистрирани азилантите или се фатени илегалците. „МВР го регистрира направениот влез и излез на нашите граѓани од земјава, но не можеме да знаеме каде одат и што прават понатаму“, велат од македонската полиција, додавајќи дека не само Македонија, туку ниту една земја нема начин прецизно да ја следи имиграцијата, особено илегалната. Единствен показател е разликата меѓу регистрираните излегувања и влегувања во земјата, според која од почетокот на декември лани до крајот на септември оваа година таа е 442.000, во корист на излез од земјава. Од МВР наведуваат дека разликата во бројките не се разликува многу од претходните години, кога за земјава постоеше визен режим. „Кога граѓаните ќе излезат од земјава, не знаеме дали тие заминале со студентска виза, работна виза, на илегална работа, решиле да се венчаат во странство, користат пасош на друга држава или излегле од шенген-зоната во трета земја. Немаме повратни информации за тоа и ги водиме само како бројка на граѓани што ја напуштиле земјава“, информираат од МВР.
Сепак, бројката на илегалци од една земја, според вообичаени процени, треба да се помножи најмалку со десет со бројката на фатени илегални имигранти.
Тоа дека секоја земја се соочува со илегалци покажуваат и податоците на македонската полиција, која само од почетокот на оваа година до денес има откриено 505 илегални влеза во земјава, што е речиси приближна бројка на депортирани македонски граѓани од земјите од шенген-зоната. Од ова бројка дури 390 отпаѓаат на албански државјани. Но, за разлика од земјите од Европа, кои се крајна дестинација за македонските илегалци, нашата земја повеќе служи како транзитна рута за други земји, пред се', Грција, па така при нелегален излез од земјава се фатени 444 лица, од кои 409 албански државјани. (Т.Г.) |