Број 3421  вторник, 02 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Вести








Site Meter

Мислења

Владата наспроти народот

Слободан Најдовски

Наспроти високиот процент граѓани што се големи песимисти за иднината, оптимизмот на Владата нема граници

Секојдневно се пласираат резултати од најразлични испитувања на јавното мислење. Се' повеќе има анкетирања на граѓаните со кои треба да се покажат одредени тенденции за некоја појава. Кај нас често се гледа на нив со недоверба, а посебно за некои прашања и во денешно време. Да не зборуваме за до пред некоја година кога не им придаваме соодветно значење, па дури и со потсмев ги прифаќавме некои испитувања. Но, се' повеќе има и граѓани кај кои е присутно мислењето дека резултатите од анкетите имаат големо значење за изнаоѓање начини за решавање на некој проблем или за донесување правилна одлука.

Една таква анкета, направена од институтот „Легатум“ во Лондон деновиве, покажа дека многу голем е процентот на Македонците што не веруваат во перспектива во иднина кога тоа се однесува на нивниот живот. Или, наједноставно речено, Македонците се меѓу најголемите песимисти во Европа. Речиси 70 отсто од македонското население не е задоволно од стандардот на живеење и не верува дека тој ќе се подобри. Од нас, во Европа поголеми скептици за својата иднина се само жителите на Молдавија. Нормално е најпрво пред Владата, но и пошироко, да се постави прашањето - зошто граѓаните се песимисти. Дали затоа што не веруваат дека Владата ќе создаде услови за да се решат нивните проблеми, дали затоа што политиката што ја водат нашите политичари не им влева надеж за подобро утре.

Наспроти расположението кај граѓаните, Македонија има една од најоптимистичките влади. Секојдневно, работејќи 24/7, ја убедува македонската јавност дека се движиме во вистинска насока. Нејзиниот оптимизам нема граници. Да го земеме за пример предложениот буџет за 2010 година. Експертите, но и граѓаните не очекуваат следната година дека вака скроениот буџет ќе придонесе за подобрување на нивниот животен стандард. Нашата Влада е оптимистички расположена или барем така се прикажува. Владината проекција за следната година е дека економијата ќе оди напред иако пораст од 3,5 отсто не е значаен напредок, а тоа не го поткрепува со издржани аргументи врз кои би го засновала својот оптимизам. Единствениот аргумент им е дека економијата во Европската унија ќе тргне напред и дека тоа ќе ја повлече и нашата. Тоа е само донекаде така, секако доколку и кај нас се преземат конкретни мерки за поттикнување и помагање на стопанството за да се носиме со економиите на европските земји.

Владините економски претставници го црпат својот оптимизам од замајувањето на јавноста дека ќе се зголеми државното инвестирање во капитални објекти иако веќе петта година не го прават тоа, со што ќе се размрда домашната економија. Наједноставно речено, нема предложени реални економски мерки што ќе го забрзаат економскиот раст со што кај граѓаните би се разбудиле надеж и оптимистизам за подобра иднина. Од каде тој оптимизам кај Владата кога освен вработувањата во администрацијата, нема опипливи очекувања за вработувања во реалниот сектор. Нема зголемување на платата на вработените во здр��вството, во образованието, нема поголеми пензии што би се одразило на подобрување на животниот стандард и намалување на бројот на песимистите во државата. Напротив, со предвидената инфлација од 3 отсто ќе има намалување на нивниот стандард, а зголемување на нивниот песимизам. Истата состојба со реално намалени плати ги очекува и најголемиот број вработени во стопанството.

Сигурно една од причините за песимизмот на граѓаните е и неодговорниот однос на Владата кога е во прашање креирањето на буџетот, посебно трошоците на државата. Гледајќи ја кризата во Европа и можните последици на подолг рок, одговорните влади преземаат чекори за намалување на штетното влијание што би се одразило врз иднината на нивните граѓани. Така, британскиот премиер Камерон предлага буџет со кој се предвидуваат кратења кај администрацијата, францускиот претседател Саркози, иако е многу непопуларна мерка која за било влада, ја крева старосната граница за одење во пензија. Тие како одговорни политичари прават напори да ги пресретнат проблемите за да не се најде државата во неповолна ситуација. А, нашата влада перманентно се однесува како се' да е најнормално и е оптимистички расположена.

Оптимизмот кај власта преминува во препотентност и арогантност. Токму тоа најмногу ги плаши и економските аналитичари и граѓаните. Ако се погледне дека во изминатите години најмногу државни пари потроши Владата за работи што не придонесуваат за подобрување на економијата, песимизмот е уште поголем.

Од што произлегува тој оптимизам кај нашата Влада. Дали затоа што се' поголем е бројот на сиромашни граѓани што се на прагот на опстанокот или затоа што во континуитет паѓа индустриското производство. Според се', изгледа дека е во прашање лажен оптимизам во функција на одржување на власт. Убаво е човек да биде оптимист и да гледа на животот од позитивната страна. На сите ни е познат примерот дека една чаша во кој�� има вода до половина, за оптимистот е половина полна, а за песимистот половина празна. Се разбира, во едно општество не може сите да бидат оптимисти и задоволни, но застрашувачки кај нас е што три пати е поголем бројот на песимистите. Дали тоа покажува дека само Владата, според рејтингот на владејачката партија, и нивните приврзаници се оптимисти.

Време е Владата да ја погледне вистината со отворени очи и да прифати дека Македонија е во тешка економска криза чие решавање бара многу посериозен пристап и преземање вистински реформски мерки. Време е за рационално однесување во трошењето на државните пари. Оптимизмот кај граѓаните ќе го потисне песимизмот ако Владата наместо на минатото повеќе се посвети на иднината. За оптимизам кај граѓаните е потребна влада што во континуитет ќе постигнува економски раст над 7 отсто на годишно ниво, влада што ќе обезбеди реален раст на платите и на пензиите. За верување во подобра иднина, на граѓаните им треба влада во која ќе имаат доверба дека ги води во вистинската насока, а не влада што за секој свој неуспех бара виновник кај другите. Само со кампањи од типот „Ти си Македонија“ или „Сакај ја татковината“, не се гради оптимизам, ако сакате и патриотизам кај граѓаните. Тоа се прави со опипливи резултати во правец, пред се', на подобрување на економската состојба на граѓаните.

(Авторот е поранешен пратеник)


#
Статијата е прочитана 1334 пати.

Испрати коментар

Од: Најдовски против владата
Датум: 02.11.2010 13:43:15
Погрешен текст. Ввладата уште има добар рејтинг. Најдовски и неговите - не.
Од: јас
Датум: 02.11.2010 18:13:17
До првиот коментатор: За каков „висок“рејтинг на бладата зборувате???За едната третина од населението кое живее во сиромаштија?За мајтапењето со нашата земја ширум светот?За илјадниците мои сограѓани кои секојдневно ја напуштаат земјава , во потрага по корка леб ( некои дури во Ирак и Авганистан ) ??За тој ли „висок рејтинг „ ????
Од: mirjana
Датум: 02.11.2010 18:29:19
Do kade ke terate site vaka tesko na narodot nekoi po cetvorica na rabota a toj koj rabotese go isteraa oti nema vrski sve samo aramii.

Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Министрите главни фаци на Собранискиот канал
Македонско-бугарски историски контроверзии (20)
Ковертирана недоверба
Кој ќе ќари пет млн. евра од ЈУ-лотото
Свети крави
Земјотрес во Србија - двајца загинати
Портата триумфираше над критиките
Која е Александрија Милс, најубавата жена во светот?
Бидете внимателни ако одите во Грција
„Трошка утеха“ за македонскиот Џемс Бонд
Ќе се расветли ли мистеријата за убиството во „Биг фиш“
Зонско паркирање и кај Пасошко
Наумовски
Стил
За еден шиткање пица - 22.300 евра
Пандев и Интер не мдрнаа против Тотенхем
Косовската Влада отиде во аут
Претседателот Иванов на гости кај Ѓукановиќ






Commission to give green light to Montenegro's EU candidacy
Albania criticised by EU for lack of political dialogue
EU enlargement reports reveal mixed progress for Balkan states