Зонско паркирање и кај Пасошко
Се очекуваат проблеми се' додека не се регулира паркирањето и на „Димитар Влахов“
Од утре за паркирање кај Пасошко ќе се наплаќа по 25 денари од час, како дел од системот за зонска наплата на паркингот што беше промовиран вчера. Просторот кај МРТВ, кој до неодамна беше запуштен, сега е претворен во паркиралиште на површина од речиси 3.000 квадратни метри и овозможува паркирање на 130 возила.
На промоција на паркингот градоначалникот Коце Трајановски истакна оти очекува да се намалат проблемите на граѓаните со паркирање во овој дел на градот, особено оние што имаат потреба од пасошката служба. Сепак, Трајановски призна дека е свесен оти може да се очекуваат проблеми со паркирањето во реонот се' додека тоа не се регулира и на улицата „Димитар Влахов“.
„Планираме до крајот на ноември да воведеме зонско паркирање и во должина на улицата, со што целосно би се отстраниле очекуваните проблеми ако се има предвид дека има граѓани што би се паркирале на улицата за да не платат на паркингот“, дополни Трајановски.
Тој информираше дека паркингот е изграден со средства од градскиот буџет во висина од околу 3,5 милиони денари, работите на терен ги изведувале екипи на ЈП „Улици и патишта“ под будно око на ЈП „Градски паркинг“, кој ќе стопанисува со паркингот.
Како и на останатите паркинзи каде што функционира зонската наплата, така и на овде ќе се наплаќа паркирањето секој ден од 7 до 21 часот, односно до 14 часот во саботите. Бесплатно паркирање важи само во недела и за државни празници. (Дс.Т.) |