Министрите главни фаци на Собранискиот канал
СРД реагирал поради повеќечасовното емитување на владините седници на Собранискиот канал
Се злоупотребува ли Собранискиот канал со реемитување на отворените владините седници за време на викенди? Владината седница што се емитуваше пред една недела се најде на телевизиските екрани и овој викенд - на Собранискиот канал, кој, инаку, во работни денови ги пренесува собраниските седници. На каналот се вртат и актуелните проекти на Владата, како што е оној со прегледот на сето она што го сработила Владата во претходниот период насловен како отчет.
„Собранискиот канал е сервис на Владата, а не да креира автентични политики“, тврди опозицијата, која се жали дека нивните досегашни обиди да се укаже на злоупотребите завршиле неуспешно. За повеќечасовните емитувања на владините седници реагираат и од Советот за радиодифузија, од каде што сметаат дека со реемитувањето „можат да се доведат во прашање основните функции на јавниот радиодифузен сервис“.
Последен пат Советот за радиодифузија реагирал во средата поради повеќечасовно емитување на владините седници на Собранискиот канал во минатиот викенд.
„Реагиравме поради прекршување на Законот за радифузна дејност, бидејќи МРТВ реемитува владини седници на Собранискиот канал. Испративме писмо до Советот за собранискиот канал и до претседателот на Собранието, бидејќи со ваквата практика МРТВ може да ги доведе во прашање основните функции на јавниот радиофузен сервис“, ни изјави Борче Маневски, одговорен за односи со јавност во Советот за радиодифузија. Тој посочува дека „МРТВ мора да го остварува јавниот интерес, преку заштита на програмите што ги произведуваат тие од какво било влијание на власта, политички органи или центри на економска моќ“. Советот реагирал бидејќи на 24 и на 25 октомври имало повеќечасовни преноси на владините седници.
Во СДСМ велат дека неколку пати досега побарале од Сов��тот на Собранискиот канал да преземе нешто во врска со злоупотребата на каналот, но владејачкото мнозинство не ги прифаќа нивните забелешки.
„И со емитувањето во живо и со репризите се крши Законот за радиодифузна дејност, што е констатација и на Советот за радиодифузија. Прво, се крши членот 117 од Законот за радиодифузна дејност каде што е наведено дека Собранискиот канал е наменет исклучиво за активности на Законодавниот дом, а не и на извршната власт“, вели Емилијан Станковиќ, пратеник од СДСМ. Дополнително, вели тој, со ваквите постапки на Владата се доведува во прашање и функцијата на радиофузниот сервис, бидејќи, според членот 121 од Законот за радиофузна дејност, јавниот сервис треба да обезбеди програмите што се произведуваат и емитуваат да бидат заштитени од какво било влијание на власта, политички организации или центри на економска моќ. Затоа, во СДСМ сметаат дека постои апсолутно прекршување на Законот.
Гордица Величковска, одговорна уредничка на Собранискиот канал, тврди дека нема злоупотреби и се повикува на Спогодбата меѓу МРТВ и Собранието. Според неа, со Спогодбата е уредено собраниските седници да се пренесуваат со логото на Собранието. „За останатите часови МРТВ има право да емитува, реемитува програма што ќе ја договори колегиумот на МРТВ“, вели Величковска.
„Утрински весник“ вчера побара, но не успеа да добие изјава од претседателот на Советот на Собранискиот канал, Рафиз Алити. (Ж.Ѓ.) |