Што ќе значи кадровското освежување за ДПА?
Аналитичари поделени во ставовите дали промените ќе ја исправат на нозе партијата на Тачи
Светлана Унковска
Демократската партија на Албанците се чини дека полека се исправа на нозе по политичкото бунило во кое беше длабоко западната. По големата реорганизација во партиските ограноци, каде што голем дел од претседателите се сменети, за партијата на Тачи освежување, секако, ќе бидат и новоименуваните кадровски функционери. Универзитетската професорка Мируше Хоџа од Скопје, која за ДПА ја трчаше претседателската трка, како и лекарот Азем Исмани од Гостивар се новите потпретседатели. Сменет е и досегашниот генерален секретар Имер Алиу, а на негово место е поставен Ернад Фејзулаху, еден од блиските соработници на Тачи. Поволен ветер во грб партијата доби на неодамнешните локални избори кога нивниот кандидат, ректорот на ДТУ, Сади Беџети, ја освои градоначалничката функција на Тетово, кој се смета за важен центар на политичката моќ и профилирање на Албанците во Македонија. Успехот на Беџети му обезбеди и членство во Централното собрание на ДПА.
Ваквите придвижувања во партијата политичките аналитичари различно ги оценуваат. Според едни, во ДПА почнува рационално да се анализира состојбата и се прават напори да се одржат на политичката сцена, додека, според други, партијата е одамна детронизирана од граѓаните и ова е само продолжување на агонијата пред нејзино целосно изумирање.
„ДПА закрепнува од шокот што го доби од бившиот коалиционен партнер и по расцепот на партијата. По сите анализи што ги извршиле по изборите, јасно е дека има нова политичка клима со два нови субјекта, едниот Руфи Османи, засега се' уште независен, а другиот е политичката партија на Имер Селмани. Тоа е една од причините зошто има темелно реструктурирање со привлекување поеминентни интелектуалци. Мислам дека тие веќе сакаат следните избори да ги дочекаат поподготвени“, оценува Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократска иницијатива.
Викендов Тачи пред одржување на Централното собрание порача дека сериозно ќе работи на зацврстување на позициите и дека веќе ДПА не е таа која е во „слободен пад“, туку нивниот ривал ДУИ. Но, дали тој ќе успее да ја крене партијата или не, според Муслиу, тоа најмногу ќе зависи од понудата и од начинот на кој ДПА ќе ги дефинира, но и ќе ги насочи политичките приоритети.
Со сосема спротивен став е аналитичарот Ким Мехмети, според кого ДПА многу тешко ќе е врати од политичкото мртвило, поради тоа што таа одамна се третира како нечија приватна компанија. „Сите внатрешни прекројувања што се прават имаа цел да ја зацврстат позицијата на претседателот, а не на самата партија. Таа воопшто не е структурирана како партија, туку како приватна компанија во која вредите толку колку што сте послушни, а не според вашите идеи“, вели Мехмети.
Тачи ја исфрли и идејата за нов политички договор меѓу Македонците и Албанците како замена за Охридскиот, кој бил целосно уништен од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Вчера лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека прашањето за Рамковниот договор е тема на која Тачи се навраќа секогаш кога е во опозиција.
„ДПА го злоупотребува ова прашање затоа што сака да си го зголеми рејтингот. За нас Охридскиот договор е валиден иако не сме докрај задоволни од неговата реализација“, рече Ахмети.
И Мехмети смета дека ова е само уште еден обид да се актуализира партијата. „Колку и да бидат оправдани ваквите барања и концепти, мислам дека тоа нема да помине кај албанските граѓани, затоа што партијата е веќе детронизирана и без разлика која стратегија ја употребуваат, таа го потроши својот кредит и својата супстанција. И Руфи Османи и Имер Селмани беа во ДПА и дури и да е тоа империја, сепак, едно време ќе останете гол. Освојувањето на Тетово е последното нешто на ДПА, која сигурно навлегува во процесот на бавно политичко изумирање“, вели Мехмети.
Меѓутоа, Муслиу смета дека токму овие свежи идеи што доаѓаат директно од платформите на новите кадри во партијата кои заедно со политичкото искуство на Тачи ќе ја промовираат нова визија на ДПА со која тие се позиционираат и со која на идните избори ќе ја бараат довербата на граѓаните. |