ЕУЛЕКС мирно се распореди во Косово
Околу 20 официјални претставници на европските сили влегоа во зградата на судот во К. Митровица
БРИСЕЛ - Европската унија, по неколкумесечно одложување, ја започна мисијата за зајакнување на владеењето на правото во Косово. Речиси 2.000 претставници ја преземаат должноста во полицијата, правосудството и царината од персоналот на ОН. Србија го отфрли прогласувањето независност на Косово во февруари и се' уште го смета Косово за една од своите покраини, но ја прифати новата мисија на ЕУ. ОН ќе го напуштат Косово, каде што ја водат администрацијата повеќе од една деценија, задржувајќи само мала политичка улога.
ЕУЛЕКС е најголемата мисија на ЕУ и ќе функционира во цело Косово. Нејзините 1.900 меѓународни претставници ќе бидат поддржани од околу 1.100 локални вработени. ЕУ ќе го надгледува работењето на полицијата, судовите и на царинската служба. Целта е да им се помогне на властите да се справат со корупцијата и со организираниот криминал.
ЕУЛЕКС вчера мирно ги распореди припадниците на главниот граничен премин Србија - Косово, а сообраќајот кон Србија и оттаму се одвиваше вообичаено. Во февруари царинскиот пункт во Јариње беше запален од косовските Срби, гневни поради прогласувањето независност на Косово. Но, сега синото знаме на ЕУ се виореше со одобрување од Белград, јавува дописникот.
Мисијата ЕУЛЕКС требаше да започне пред неколку месеци, но имаше одложувања и спротивставувања од Србија. Сега Белград го прифати планот, иако многу косовски Срби се' уште се незадоволни што ОН си заминуваат.
Околу 20 официјални претставници на ЕУЛЕКС влегоа во зградата на судот во претежно српскиот, северен дел на Митровица - жариште во минатото, каде што Србите и Албанците се поделени со реката Ибар. Мисијата претставува огромен тест за ЕУ, истакнува политичкиот аналитичар Љуљзим Печи. ЕУЛЕКС има персонал од 26-те земји-членки на ЕУ, како и од пет земји кои не се членки на ЕУ, рече Линдал. Франција и Италија ги обезбедуваат најголемите полициски контингенти.
Меѓународните мировници ја зајакнаа безбедноста во северниот дел, каде што Србите се против тој чекор. Првиот дел од 1.200 сили на европски и американски полицајци, цариници, судии и обвинители почнаа да се распоредув��ат во претежно албанското Косово кое се оддели од Србија во февруари.
Во српскиот дел од поделениот град Митровица полицајците на ЕУ пристигнаа носејќи црна униформа, а на рамената имаат црвени ознаки ЕУЛЕКС. „Досега во северниот дел се распоредени 15 гранични полицајци, четворица царински службеници и осум полициски посматрачи, како и советници во полициските станици“, рече портпаролот на ЕУЛЕКС, Виктор Ројтер. Петмина членови на мисијата се распоредени во судот во Митровица. „Останатиот дел од околу 100 лица се полицајци од специјални полициски единици и други оддели“, рече тој во врска со силите во северниот српски дел. (Би-Би-Си)
|