Во Туркменистан покојниот диктатор го исфрлаат од химната
МОСКВА - Властите на Туркменистан имаат намера да ги исфрлат оние делови од химната во кои се спомнува „таткото на нацијата“, поранешниот претседател Сапармурат Нијазов. Сегашниот претседател Гурбангули Бердимухамедов, кој инаку беше избран за наследник од страна на диктаторот Нијазов, објаснува дека химната ќе мора да се менува, бидејќи „тоа го бараат работниците“ на таа централноазиска држава.
Формално иницијативата за промена на химната ја даде претседателката на парламентот, Акџа Нурбердиева, објаснувајќи дека „работниците“ бараат текстот да се доведе во согласност со меѓународните стандарди. По „многубројни обраќања од граѓаните“ раководството одлучи по две години од смртта на Сапармурат Нијазов да ги исфрли оние делови во кои се велича диктаторот. Во сегашната химна Нијазов се спомнува и велича три пати.
По ненадејната смрт на Нијазов во декември 2006 година од центарот на Ашабад е префрлена позлатената статуа на „таткото на сите Туркмени“ на периферијата на главниот град. Минатата година во Туркменистан е вратен григоријанскиот календар.
Сепак, досега една од најважните промени е тоа што новиот претседател ги врати стандардите за европско образование. Така е продолжено образованието во средните училишта и на факултетите. На постарите лица им беше вратено правото на пензија. Нијазов сметаше дека децата, а не државата треба да се грижат за своите родители. Обновена е Академијата на науките и дозволено е користење Интернет. (Б.В.) |