Број 3038  петок, 17 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Фантастичен спој на новото и старото време во Карлови Вари

Филмовите за Кадифената револуција и „Музичката одисеја“ се претворија во сведоци на минатото и на сегашноста

Сунчица Уневска

Она што е интересно кога станува збор за Филмскиот фестивал во Карлови Вари е тоа што тој во никој случај не е само место каде што се презентираат филмови. Карлови Вари е своевиден настан кој создава таква оригинална атмосфера, во која филмот е неопходната алка, но само како елемент кој поврзува, низ кој совршено се спојуваат луѓето, настаните, времето и местото. Карлови Вари дише со таква слобода и независност, со таква отвореност, со динамика и пулсирање кое одушевува. Не случајно тука публиката е најбројна, не случајно салите се преполни и нема место каде игла да се фрли, не случајно студентите од многу европски земји секогаш се тука, и не случајно можете да видите инвазија од млади луѓе испоседнати насекаде, пронаоѓајќи го тука веројатно она кое на сите им го дава очекуваниот предизвик. Затоа, овој фестивал има неверојатен шарм и од година во година само се зголемува неговата инвентивност и неговата моќ да ја привлече не само публиката, туку и многу големи имиња од светскиот филм.

Годинава покрај Џон Малкович и Милош Форман, покрај Изабел Ипер и Антонио Бандерас, дојдоа и францускиот ветеран Патрис Шеро и американскиот сценарист и режисер Пол Шредер. На Шеро му беше направена ретроспектива и меѓу шесте остварувања кои можеа да се видат, беа и: „Габриела“, „Кралицата Марго“, „Интимност“, „Ранетиот човек“. „Целото мое школо е праксата“, зборуваше овој интересен француски автор, кој нагласи дека најмногу им се восхитувал на германските експресионисти и на филмот на Орсон Велс „Граѓанинот Кејн“. Многу интересно зборуваше Шеро за чувствата и за емотивните лич��и судири, кои секогаш се карактеристика на неговите дела. „Ранетиот човек“ иако негов трет филм, тој рече дека го доживува како прв, токму поради растењето и соочувањето со сопствените емоции.

„Ранетиот човек“ е приказна за страста, приказна за еден човек кој низ тоа искуство, всушност, созрева. „Имав потреба да го направам тој филм, да поминам низ тоа искуство заедно со него, да го почувствувам тоа лично откровение“, рече Шеро. Неговиот филм „Прогонување“ повторно зборува за силината на чувствата и тој го опишува како романтична опсесија. Во филмот играат Ромеин Дури и Шарлот Гензбург, а прашањето со кое Шеро се занимава е, како да сакаш без да бидеш опседнат со чувствата и без да го гушиш другиот. „Работите кои ме инспирираат се лични. Кога земам елементи од мојот живот или од настаните околу мене, се обидувам да не повредам никого. Иако, морам да признаам дека имам снимено сцени кои ги повредиле моите пријатели“, рече сосем отворено Шеро. А на прашањето зошто филмот „Интимност“, кој освои „Златна мечка“, но и предизвика многу контроверзии поради експлицитниот секс, го снимал во Англија, тој рече дека никогаш не пожалил поради тоа. Напротив, за него англиските актери се некои од најдобрите и научил многу од нив. „Јас се чувствувам Европеец и немам проблем да работам надвор од Франција. Сум работел во Германија и во Италија, а оваа зима ќе ја поставам операта ‘Куќа на мртви’ на Јаначек во ‘Метрополитен операта’ во Њујорк“, изјави на крајот Шеро.

Во Карлови Вари беше и легендарниот американски сценарист Пол Шредер, кој заедно со Мартин Скорсезе и со филмот „Таксист“ во 1976 го променија Холивуд. Подоцна Шредер се потпиша и како режисер на филмовите: „Американски жиголо“, „Луѓе мачки“, „Дневен спијач“, „Мишима: живот во 4 глави“, „Несреќа“, додека во Карлови Вари дојде со новиот, уште еден контроверзен филм „Воскреснувањето на Адам“. Пол Шредер се смета за автор кој успеал да направи некои од најтемните истражувања на стравот, злото и опсесијата. Така е и со филмот „Воскреснувањето на Адам“, во кој главна улога игра Џеф Голдблум.

Овој филм е направен според израелскиот роман „Адам синот на кучето“, а ја раскажува приказната за еден Евреин кој го преживеал холокаустот. Но, она што во него вознемирува, е приказната за еден човек кој се однесува како куче и кој среќава куче кое се однесува како момче. Во оваа приказна Шредер ќе види силна метафора, нешто екстраординарно, нешто уникатно, додека другите режисери не сакале да го снимаат. Но, Шредер вели дека тој не е Евреин и дека тоа не го сфаќал лично. Филмот го дефинира како магичен реализам, кој се навраќа на војната многу цинично и вели дека за него бил голем предизвик овој роман да го адаптира.

На прашањето за сегашната состојба во Холивуд, Шредер рече дека сме сведоци на колабирањето на независниот филм, но и на колапсот на сериозната драма во рамките на комерцијалното кино. „Сериозните драми отидоа на телевизија. Денеска е невозможно да финансирате вистинска драма на филм. Сега, сето тоа колабира и на независното ниво“, додаде Шредер. Инаку, во Карлови Вари се прикажуваше и филмот „Бронсон“ во рамки на програма „Друг поглед“, чиј сценарист исто така е Шредер. Но, како што рече тоа е комерцијален, ЦИА филм. Ново на што работи е едно сценарио со музика и игра, за кое има намера да бара финансии во Боливуд. А во овие услови денес, тој се навраќа на жанровските акциони филмови, какви што работел на почетокот.

Овде ќе издвоиме уште две многу интересни програми за да го објасниме токму она за кое зборувавме на почетокот. Едната од нив се викаше „20 години слобода“, а ја славеше 20-годишнината од познатата Кадифена револуција. Во рамките на оваа програма беа селектирани шест филма. „Сметаме дека е многу важно да се потсетиме на сето ова, бидејќи оваа револуција го означи почетокот на ослободувањето од комунизмот и ја донесе слободата на изразување“, рече претседателот на фестивалот Јиржи Бартошка. Додека селекторката на оваа програма Ленка Тирпакова рече: „Политичките промени донесоа нови можности за филмаџиите во Источна Европа. Селекцијата од шест филма се фокусира на различни луѓе, ситуации, земји и се обидува да ги осветли клучните настани во овој транзициски период, но и да ги опфати и позитивните и негативни аспекти, минатото и сегашноста на граѓаните од овие земји“. Меѓу филмовите во овој избор беше и српскиот „Убавите села, убаво горат“ на Срѓан Драгоевиќ, потоа големиот минатогодишен успех, германскиот „Животот на другите“ на Флоријан Хенкел, како и унгарскиот „Слатката Ема, драгиот Боб“ на култниот автор Иштван Сабо.

Годинава повторно, почнувајќи од 2003, се одржа многу бараната „Музичка одисеја“. Тоа е програма која секоја година презентира некои од најинтересните современи музички остварувања. Важно е, како што велат организаторите, ова да биде не само хроника на настаните, туку да овозможи да бидеме сведоци на се' што се случувало на ова поле во изминатиов период. Насловот на оваа програма годинава беше „Глобално и интимно: два краја на ист спектар“, вклучувајќи широк дијапазон на филмови кои ги одразуваат интернационалните трендови во музиката и филмот.

Можевме да ги видиме „Пред музиката да умре“, еден документарец за тензијата која се создава меѓу креативните музичари и корпоративната сила која дистрибуира свое производство, потоа несекојдневните портрети на Дејвид Туп „Никогаш не сум ти ветил градина од рози“, како и на Пети Смит во филмот „Сонот на животот“... Овие остварувања, како и претходните не се само одраз на огромните промени, изјавуваат селекторите, туку тие се и тестамент не само на тешкотиите со кои се соочувавме или се соочуваме, туку и на уметничките можности кои се претвораат во последица или причина на едно старо и на едно ново време.


Статијата е прочитана 160 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Голем успех на македонската пијанистка Ирина Наумовска во Луцерн
Музејската дејност е деградирана
Уметниците во дворот на „Света Софија“. Парите се поважни
Изложба „Крапино 2008“ во Велес
„Kamerata Tirana“ и „Австралија“ на „Скопско лето“
Гран-при за Славе Ѓорго Димоски во Романија