Број 3038  петок, 17 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Уметниците во дворот на „Света Софија“. Парите се поважни

Црквата и Министерството за култура со спротивни тврдења за забраната на концерти во охридскиот храм

Тина Иванова

ОХРИД - Забраната за одржување концерти во црквата „Св. Софија“ ќе значи и крај на фестивалот „Охридско лето“. Ова е мислењето на сите кои на каков било начин се врзани за најголемата културна манифестација во земјава. Звучи радикално, но симбол на „Охридско лето“ е токму величествениот храм „Св. Софија“. А не Античкиот театар.

„Охридско лето“ точно пред 49 години почна токму во „Св. Софија“ со концертот на оперската певица Ана Липша-Тофовиќ и во тој прекрасен амбиент со одлична акустика до денес продолжија да се редат концертите на врвни музички уметници и камерни ансамбли, ѕвезди како што се Рихтер, Навара, Погорелиќ, Ојстрах, Ростропович...

Забраната од страна на надлежните црковни лица, во вторникот навечер, да не се одржи концертот на квартетот флејти „Сиринкс“ внатре во „Св. Софија“, уште еднаш го наметна проблемот меѓу институциите, конкретно меѓу Министерство за култура и Дебарско-кичевската епархија, кој тлее со години наназад. Но, наспроти очекувањата црквата да излезе во пресрет на потребите на „Охридско лето“, зашто е неизоставен дел од фестивалот, публиката се соочи со затворени врати.

А овој храм, како што е познато, секогаш се користел за концерти на врвни уметници од светот, а во него се случува и централниот дел од „Струшките вечери на поезијата“ - доделувањето на „Златниот венец“.

Причината што квартетот флејти „Сиринкс“ беше ставен пред свршен чин и за својот настап можеше да го користи единствено предворјето на „Св. Софија“ е прозаична. Министерството за култура, наводно, не го испочитувало договорот со Дебарско-кичевската епархија, ��е ги исплатило парите за користење на овој атрактивен простор и надлежниот архијереј - митрополитот Тимотеј одговорил со неодобрување за користење на црквата за потребите на „Охридско лето“.

„Кога ќе ги исплатат средствата, црквата ќе може да ја користат во договорените термини, вака - не“, дециден е г. Тимотеј. Самиот вели дека оваа мерка е крајно непопуларна, меѓутоа, штом Министерството за култура си дозволува ваков однос и непочитување на договореното, ова бил единствениот начин сериозно да се предупредат. „Ако ’Св. Софија‘ навистина им е неопходна за неколку концерти и ако можат да им исплатуваат хонорари на сите учесници за настап на ’Охридско лето‘, тогаш Министерството за култура мора да си ги намири и обврските кон Дебарско-кичевската епархија“, вели надлежниот митрополит. Г. Тимотеј не сакаше да открие за колкав износ пари станува збор, но нагласува дека договореното мора да се испочитува.

Министерството за култура, пак, го тврди спротивното. Забраната за одржување концерти во црквата „Св Софија“ во рамките на манифестацијата „Охридско лето“, се вели во реакцијата испратена до нашиот весник, нема никаков обврзувачки договор што имплицира финансиски или други обврски кон Дебарско–кичевската епархија поврзани со реализацијата на програмата на фестивалот „Охридско лето“. „Сакаме да подвлечеме дека не постои никаков документ потпишан од поранешните министри Илиријан Беќири и Арификмет Џемаили, како и од сегашниот министер Елизабета Канческа-Милевска, кој го обврзува Министерството на исполнување на барањата на Дебарско-кичевската епархија кои се однесуваат на плаќањето надомест за користење на црквата ’Св. Софија‘ за потребите на манифестацијата. Министерството за култура поседува договор потпишан на 29.5.2006 меѓу поранешниот министер Благој Стефановски и Дебарско-кичевската епархија и се однесува на учество во финансирањето на проектот ’Просторно уредување и симпозиум во манастирот ’Св. Наум‘ – Охрид. Согласно со овој договор, кој е склучен на вредност од 1.500.000 денари, со решение се исплатени 1.000.000 денари од страна на поранешниот министер. За исполнувањето на обврските и правата од овој договор од двете страни, надлежните служби во Министерството за култура вршат анализа“.

Во реакција на Министерството, исто така, се вели дека „користењето на црквата ’Света Софија‘ за реализација на програмата на фестивалот ’Охридско лето‘ е предмет на договарање меѓу Дирекцијата на фестивалот и Дебарско-кичевската епархија“.

Според Министерството, црквата „Св. Софија“ е споменик на културата од прва категорија и дека надлежноста за нејзина заштита ја има Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј - Охрид. Министерството за култура оваа година издвои сума од 1.400.000 денари за санација и поправка на покривот на црквата „Света Софија“. Работите околу санацијата се започнати.

И пред неколку години соработката на Црквата и Министерството за култура беше доведена во прашање, но забраната на користење на овој храм се објаснуваше со поинакви аргументи. Тогаш надлежните во црквата тврдеа дека посетителите на концертите небрежно се однесувале кон фреските, се потпирале на нив и ги оштетувале, а на фрескоживописот негативно влијаеле и блицевите од фотоапаратите. Сепак, под притисокот на јавноста поради тоа што токму „Света Софија“ е синоним за фестивалот „Охридско лето“, Црквата попушти.

Музикологот Марко Коловски, претседател на СОКОМ, кој е долгогодишен проследувач на настаните на „Охридско лето“, за значењето и поврзаноста на црквата „Св. Софија“ со фестивалот вели: „Добро ја познавам неговата историја и ги знам сите мени и промени. Но, знам дека на сиот тој пат кон врвот на нашата и европската култура има една константа без која ниту почетокот во 1961 (кога Ана Липша го слушна небаре неземскиот одглас на својот глас меѓу нејзините ѕидови), ниту тој величествен од немаше да бидат можни: тоа е величествената и акустички ненадминлива ’Света Софија‘. Тоа, впрочем, во изминатите децении го потврдија многумина. Критичарот на варшавски ’Експрес вјечорнс‘ (1.10.1977), во еден вдахновен текст, напиша дека ’седите бради и глави на некои светци се толку внимателно исчешлани како да се специјално облечени за концертот на Леонид Коган, а трансот на Рави Шанкар многумина ги натера да помислат дека тој е светец кој се заборавил во својата религиозна катарза и слегол од фреските за да ги допре струните на инструментот‘. ’Не можам да не настапам уште еднаш во црквата ’Св. Софија‘, меѓу тие божествени ликови на фреските што, кога пеам, ми даваат чувство како да летам во друг свет. Тоа ме воодушевува‘, напиша Елена Обрасцова во 1986 година. ’Може човек да се праша дали е неопходно да се патува во Охрид за да се чуе Игор Ојстрах. Па тој патува низ целиот свет‘, пишуваше новинарот на ’Виенер цајтунг‘ (18.8.1978). ’Но, во Охрид тој свири во црквата ’Света Софија‘... меѓу владиците и светците кои со своите сериозни очи гледаат од далечното минато во денешницата... во божјата куќа што е претворена во концертна сала‘. Ете затоа велам дека ’Охридско лето‘ и ’Св. Софија‘ се во нераскинлива врска. Тажно е кога ќе се чуе дека овој, сега веќе не само божји ами и уметнички храм, некој го гледа низ призмата на парите. Дека нема чувство оти сето тоа - и црквата, и уметноста, и културата се дел од темелите на овој народ и дека никакви рентиерски договори не може да бидат над тоа во што сите се колнат, а тие најмногу. Слушајќи ги деновиве информациите за даровите што и' ги дава државата на црквата, се прашувам на ваков начин ли се возвраќа? Не само на државата, ами и на сопствениот народ?“, истакнува Коловски.

Ако, пак, ги прашате уметниците, ќе ви кажат дека чувството да се свири во „Св. Софија“ е неповторливо. Амбиентот, акустиката, мирисот на традицијата, на историјата, го прават чинот на концертирање уште повеличествен.

Александар Герасимовски од Музичката младина на Македонија, чиј камерен оркестар концертира на фестивалот „Охридско лето“ повеќе од 30 години, вели: „Најголемиот дел од овие концертни претставувања се одржале во прекрасниот простор на ’Св.Софија‘ - единствена акустика во светски размери - сакрален објект од огромно културно значење. Во овој простор МММ ги сними во живо своите први носачи на звук - особено оној првиот на Симон Трпчески - носачи на звук што го обиколија светот и ја промовираа македонската култура и уметност.

Несомнено е дека особено на младите, но се разбира и сите други уметници кои настапувале во овој воодушевувачки простор, како дел од програмата на Фестивалот, длабоко ја ценеле не само акустичноста и единственоста на овој простор туку и неговата сакралност. За мене ’Св. Софија‘ не е само сакрален објект од исклучително значење, туку и концертен подиум единствен од ваков вид во светот. Со затворањето на овој прекрасен и единствен објект иманентен за програмите на Фестивалот - губат сите, особено идните генерации кои ќе немаат прилика да музицираат и да ја претставуваат својата уметност, покрај уметноста на фреските од црквата“, вели Герасимовски.

Концерт на Валериј Ојстрах на „Охридско лето“

Рускиот виолинист Валериј Ојстрах вечерва во 21 часот ќе настапи во црквата „Св. Софија“ во рамки на „Охридско лето“. Во пијано-придружба на Франческо де Ѕан од Италија ќе изведе дела од Моцарт, Бетовен, Витали и Сен-Санс.

Ојстрах потекнува од музичко семејство. Концертот во Охрид ќе му го посвети на својот дедо, славниот руски виолинист Давид Ојстрах.

Својата музичка кариера Валери Ојстрах ја започнал на 14 години. Настапувал како солист со филхармониите на Москва и на Санкт Петербург, Берлинската филхармонија, симфонискиот оркестар на Лондон и други. Соработувал со врвни диригенти, како што се Курт Мазур, Генади Рождественски, Мухаи Танг, Владимир Феедосеев. Покрај концертната активност, Ојстрах работи и како професор на музичкиот конзерваториум во Брисел.


Статијата е прочитана 902 пати.

Испрати коментар

Од: Ljubotan
Датум: 17.07.2009 05:31:30
Nemam komentar ! Crkvata e Vo Pravo, i ako ona Celosno za mene e Sizmaticna! Tolku godini cutese,a sega se probudi?????? Pak Crkvava igra Dndevo politicka Uloga! Me cudi istive.,,Prvo Svestenici- ,,Vladici i Mitropoli" Se istite,a do vcera mozese Taka a od Sega Vaka,, Pa zarem , Mkitropoplitive i Vlasdicive " mislat site nie sme praveni vo Tikva, bez S O L! Im ja znaeme biografijata na site ,,Veliko- Dojstojnici!"na niv, i najarno ce bide za niv da Molcat!
Од: vlado
Датум: 17.07.2009 08:39:26
uste eden "dokaz" deka crkvata e so narodot i deka ne pravat nisto za pari.
Од: Пинг
Датум: 17.07.2009 09:07:37
Лицемерно е од моја страна што ќе коментирам, бидејќи не сум верник, посебно не по мерка на нашиве црковно достојници. АМА, јас не сум единствениот лицемер. Колку и да се челниците на Дебарско-кичевската епархија во право во однос на вледението над Св. Софија, зарем таа не е правена од населението? Зарем Тимотеј и неговата дружба одделувале од своја уста за градење на овој, па и на сите останати црковни објекти? Пари, пари и само пари им се во умот. Кога е веќе така, кога се работи за “ЧИСТ“ бизнис, зошто не се дозволи отворање на “приватни попари“? Ама пак се во прашање пустите пари. Ги жалам верниците.....Ај поздрав до сите Ваши и наши. ПИШУВАЈТЕ КИРИЛИЦА.
Од: Temida
Датум: 17.07.2009 09:51:40
A sto moze drugo da se ocekuva od eden vakov "arhierej" kako Timotej? Nemu samo profitot mu e vazen. No da go prasame nie nego: Crkvata ( ne samo Sv.Sofija) da ne mu se nasledstvo od tatko mu? Koj gi gradel crkvite, vladicite ili narodot? Cii se hramovite, na Sinodot, ili na narodot? Crkvata za niv ne e hram Bozji, tuku dobro razraboten dukjan, koj im obezbeduva preudoben zivot, neumereno "jastie i pitie" ( poglednete im gi samo stomacite, a treba da ziveat isposnicki, kako monasi). Ednas za sekogas treba da sfatat deka hramovite se na narodot, a ne zdanija za izdavanje pod naem.
Од: mene mk
Датум: 17.07.2009 10:50:08
Вака ли оваа наша предавничка МПЦ ке го афирмира македонското културно наследство.Вака ли се бори бизнисменската МПЦ за афирмација на сопствениот народ .Вака ли профитерскиот МПЦ синод ке ја презентира и обединува македонштината.И ако е од МПЦ или некој нејзин профитер,доволно е.Св Софија е светски монумент.Зар ке знаеше уметничката светска фела за нас во изминатиов период ако не беше оваа манифестација и СвСофија.Срамоота за МПЦ.Толку пари лапнаа од ВМРОВските влади до сега,па сакаат уште
Од: ilija
Датум: 17.07.2009 13:10:17
Zatoa i vo pravoslavniot svet e nepriznaena...
Од: Zletovo
Датум: 17.07.2009 15:05:33
Predlagam sega vo Struga na SVP da se naplatuva za sekoj koj ke saka da go pomine mostot, a za toj sto saka da cita poezija od nego da plaka vo zlato.Site gosti da se smestat vo hotelite Biser i Izgrev, taka da G.Timotej bi imal kontrola na se sto se slucuva okolu Ohridskoto Ezero.Kako gi vikaa tie sto kradele mnogu ?!Komunisti?Sto li ke se ovie?!
Од: tode
Датум: 17.07.2009 15:18:26
od sekogas se odrzuvale koncerti v o ,,sv Sofija ,,kakva smeska ako 49 god se od sekogas za crkva od 11 vek togas novinarot mnogu kratko gleda na nazad Na arhiepiskopot Leon koj ja podignal crkvata za molitva na vernicite sigurno ni nakraj pamet ne mu bilo vo nea nekoj da muzicira pa uste i nekrsten vo pravoslavnata vera.
Од: Mile
Датум: 17.07.2009 18:07:46
Interesno!!! Krunski dokaz deka nasata MPC e povekje pretprijatie otkolku sto e crkva. Mislam deka na prvo mesto seuste im e Gospod Bog, ama na vtoro i treto mesto im se parite! Parite na sonce ili nema koncerti vo Sv.Sofija - sramota!

Најди! во Утрински
Култура
Голем успех на македонската пијанистка Ирина Наумовска во Луцерн
Музејската дејност е деградирана
Изложба „Крапино 2008“ во Велес
„Kamerata Tirana“ и „Австралија“ на „Скопско лето“
Гран-при за Славе Ѓорго Димоски во Романија
Фантастичен спој на новото и старото време во Карлови Вари