ИМБ престана со откуп во некои региони
Индустријата за млеко - Битола престана да откупува млеко во некои региони. Според одговорните во фабриката, ова се должи на примената на високите стандарди за квалитет и безбедност на млекото, како и на зголемената влезна контрола на суровините во ИМБ, што, според нив, предизвикува привремено да се намали откупот во одреден реон, а да се зголеми откупот на поквалитетно млеко во друг реон.
„Станува збор за квалитативни промени, од кои најголем интерес ќе имаат крајните потрошувачи“, велат од компанијата.
Со оглед на тековните случувања во државава, проблемите со откупот на млеко и ненавременото плаќање на фармерите од страна на одредени млекарници, битолската млекарница информира дека и понатаму ќе продолжи со навремен откуп на квалитетно млеко, негова навремена исплата, со што ќе влијае кон стабилизирање на состојбите во млечната индустрија. ИМБ се обврзува и понатаму да придонесува кон подобрување на квалитетот на млекото, кон дистрибуција до потрошувачите на млеко со сигурен и доверлив квалитет. „Исплатата на млекото од страна на ИМБ се реализира навремено и без задоцнување. За октомври им е исплатено млекото на сите фармери, а во тек се подготовки за исплата и за ноември“, соопштуваат од млекарницата. (А.С.) |