Само добрите фирми до кредит
Банките тактизираат и ги заоструваат условите при доделување заем
Соња Маџовска
Во земјава се' потешко се доаѓа до кредит. Банките тактизираат и ги заоструваат условите при доделување заем. Внимателно се гледа кредитоспособноста на секој клиент.
Претпазливоста е особено насочена спрема фирмите, бидејќи под налетот на светската криза одредени индустрии веќе отпуштија работници и најавуваат намалување на обемот на работа. Банкарите коментираат дека тешко во оваа ситуација некоја банка ќе се реши да кредитира во металската или во текстилната индустрија, кои први ги почувствуваа последиците од кризата. Ризикот е голем, па банкарите се прашуваат дали овие фирми ќе бидат моќни, особено од наредната година да го враќаат кредитот.
Многу позаострено оди и одобрувањето на потрошувачките кредити. Ако претходните години, па и во првите месеци од годинава, имавме кредитна експанзија, последниве три месеци има се' поголема воздржаност. И граѓаните потврдуваат дека банките при одобрувањето кредит им бараат се' повеќе податоци, но и за веќе одобрените кредити им се врши голем притисок, преку телефонски јавувања и опомени, навреме да го платат долгот.
Очигледно, под влијание на светската криза, и банките, но и граѓаните стануваат внимателни во барањата и одобрувањата кредити.
Кога станува збор за фирмите, банките се' повеќе ги земаат предвид процените за идната економска активност, зголемениот ризик при пласман на средства и економските текови во индустриската гранка на која припаѓа претпријатието. Тоа укажува дека влијанијата на глобалната криза имаат главна улога во однос на кредитната политика на банките.
„За добрите фирми и добрите проекти, кредитирањето се одвива нормално. Банкарскиот систем во земјава е стабилен, но ако почне да паѓа реалниот сектор, тоа подразбира дека и банките ќе имаат помалку депозити од корпоративниот сектор. Може да се очекува дека ќе има промени во политиките на банките. Се' повеќе се зголемуваат каматите на депозитите, што ќе повлече и зголемување на каматите за кредитите. Ќе има заострување и на условите - банките стануваат попретпазливи во одобрувањето кредити“, вели Ѓорѓи Јанчевски, директор на НЛБ Тутунска банка.
Банкарите будно ги следат состојбите не само во нивниот сектор туку и како кризата ќе се одрази во реалниот сектор. Генрална оцена е дека спрема бизнисот банките се воздржани и се оди на кредитирање на краток рок.
„Нема откажување на барања, меѓутоа има поголема воздржаност во одобрувањето кредити. Се чека да се види како светските негативни тенденции ќе се одразат врз домашната економија, особено во првата половина на 2009 година. Нема тенденциозна блокада за кредитирање на најпогодените гранки, но затоа е присутна воздржаност и подршката оди на краток рок“, вели Срѓан Крстиќ, директор на Еуростандард банка. Според него, во овој период е засилен и притисокот врз фирмите за навремена наплата на долговите. „Ако досега постоела поголема толеранција спрема неплаќачите, сега тој праг е намален. Се бара навремена наплата“, објаснува Крстиќ.
По кредитната експанзија и граѓаните стануваат воздржани во барањето кредити. Тие се исплашени и под притисок од секојдневните опомени од банките навреме да си ги платат ратите за кредитите што веќе ги имаат. Вработените од металската и од текстилната индустрија, плашејќи се за своите работни места не ни помислуваат да земат кредит.
„Апстиненција од барања за кредити е присутна и кај населението. Граѓаните сами се воздржуваат. Тоа веќе се чувствува. Ние не сме агресивни во кредитната политика особено кон големите компании, но во моментов имаме ликвидни средства кои може да ги пласираме“, вели Весна Стоилковска од Инвест банка. |