МНР потрошило милионски суми на невселени амбасади
Иако е вселен новиот купен објект на амбасадата во Прага, се продолжило со плаќање кирија за шест месеци
Тамара Грнчароска
Неправилности во финансиското работење на Министерството за надворешни работи за 2008 година, меѓу кои непотрошени буџетски средства во висина 19.640.000 денари кои не се вратени во буџетот на Македонија до крајот на годината, остварени приходи од конзуларни услуги и поврат на ДДВ кои, исто така, не се уплатени во буџетот, пристап и менување налози за книжење и по завршувањето на фискалната година, утврдил Државниот ревизор при ревизија на финансиското работење на МНР за 2008 година. Ревизорот констатирал несоодветно сметководствено работење на МНР и во 2006 година, но до денес тоа не е променето од страна на Министерството.
Има низа неправилности и во финансиското работење на нашите дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП), при што е утврдена различна примена на тарифникот за конзуларни такси, со што една иста услуга е наплаќана по различни цени. Утврдено е дека не се евидентирани и неупотребените налепници за визи и патни листови, со што се отвора можност тие да не се наплатени од корисниците на услугите, како и тоа дека приходите од ДКП-та не се уплаќале во предвидениот законски рок во буџетот на државата.
Ревизијата утврдила и тоа дека и покрај вселувањето во нов објект на амбасадата во Прага во 2009 година, „од јануари до мај се префрлуваат средства за закупнина на амбасадата во висина од 1.710 евра месечно“. Утврдено е и пробивање на роковите за преадаптација на амбасадата во Виена поради неажурноста на МНР за што освен што е пролонгиран рокот, префрлени се и дополнителни 450.000 евра на продавачот и продолжена е закупнината од јануари до мај 2009 година во висина од над 12.000 евра. За амбасадата, пак, во Љубљана е утврдено дека иако е исплатена уште во 2007 година, се' уште не е ставена во употреба, за што за 2008 и 2009 година годишно се плаќа кирија од 30.000 евра за амбасадата во Словенија. За објектот на амбасадата во Москва е утврдено дека не е извршено впишување на сопственоста во предвидениот рок и доколку не е извршено тоа во дополнителниот рок до почетокот на овој месец, „се доведува во прашање оправданоста на исплатените 35.000 евра, што претставуваат 50 проценти од хонорарот на правниот застапник во Будимпешта, расходите на банкарската провизија и курсните разлики за трансфер на 7,5 милиони евра за купопродажба на објектот“, се наведува во извештајот.
Ревизијата обрнува внимание и на пролонгирање на купувањето на четири најмени стана од страна на ��мбасадата во Берлин, за што од јануари 2001 година, кога е добиена таа можност, до крајот на оваа година, разликата на цената за квадратен метар на становите изнесува над 2.000 евра или вкупно за становите би требало да се доплатат над 575.000 евра. Доколку МНР не ги купи становите, според договорот за загарантирана предност при купувањето, ќе пропадне гаранцијата од 51.000 евра.
Извештајот на Државниот ревизор утврдил и трошок од 6.348 евра за потрошена електрична енергија за ладење и греење на амбасадата во Подгорица и резиденцијата на амбасадорот, сума која не соодветствува со сметките за потрошената струја. Исплатата е вршена во периодот од септември 2005 година до декември 2008 година, иако договорот кој е склучен во 2005 година не предвидува расходи по таа основа. Утврдено е и исплата од речиси милион и 500 илјади денари за службени патувања од Секторот за финансии во 15 амбасади во странство за вршење финансиски увид и испомош во реализација на финансиските извештаи, иако 12 претставништва имаат вработено лица задолжени за тоа. Според ревизорот, тоа предизвикува концентрирање на надлежностите во рацете на Секторот за финансии при МНР и создава ризик од необјективно прикажување на расходите. Утврдено е и ненавремено исплаќање на членарините на Македонија кон меѓународните организации. Од тие причини, во периодот од 1999 до 2008 година на име камати за заостанати плаќања кон Советот на Европа во 2009 година се исплатени повеќе од 290.000 евра.
Ревизијата утврдиле дека во МНР не постои систем за раздолжување на побарувањата за дадени аванси, состојба која изнесува 47,7 милиони денари, за што за најмување станови при враќање на вработените од ДКП-та е утврдено побарување од лица кои веќе не се вработени во МНР во висина од над два милиона денари.
При ревизијата на финансиското работење на МНР, регистрирано е и непочитување на Законот за јавни набавки, особено во делот на банкарски гаранции и за користење хотелски и угостителски услуги.
|