АРМ реагираше на обвинувањата на „Тајмс“ за македонските мировници
„Тајмс“ му нанесе штета на угледот на војниците на АРМ, наведено е во реакцијата на АРМ
По написот на лондонски „Тајмс“ дека нашите мировници во мисијата ИСАФ во Авганистан биле фатени пијани на должност и поради тоа испратени дома, која вчера ја нотираше „Утрински весник“, АРМ жестоко реагираше до овој угледен лондонски весник, поради што испрати и демант. Во дел од текстот со наслов „Последни наредби за единиците кои пристигнуваат на должност со мамурлак“, чиј автор е новинарот Џером Старки, каде што се наведува дека „група македонски војници годинава беа испратени дома поради тоа што беше откриено дека биле пијани на должност додека ја обезбедувале задната капија“, изнесените тврдења се неточни поради што Генералштабот на АРМ ги демантира, се наведува на почетокот од реакцијата. Ниту годинава, ниту години наназад откога АРМ учествува во мисијата ИСАФ во Авганистан ниту еден припадник не е вратен предвреме, односно пред завршувањето на мисијата на контингентот, која трае шест месеци, е наведено во реакцијата на АРМ.
„Во периодот од изминатите седум години, колку што АРМ учествува во мисијата ИСАФ во Авганистан, како од командата, така и од највисоките командни структури на НАТО, за македонските мировници редовно пристигнуваат високи оцени, во кои особено се истакнува нивниот висок степен на обученост, професионализам, храброст, издржливост, како и интероперативност кои тие ги поседуваат, поради што дел од нив добија и одликувања од алијансата“, се вели во демантот. Натаму се напомнува и дека до овој момент во ниеден официјален извештај на воената полиција на ИСАФ во Кабул, како и на командата, АРМ не добила информации дека македонски војници направиле повреда на дисциплината како резултат на консумирање алкохол за време на извршувањето на должноста, ниту, пак, било препорачано нивно враќање како резултат на недисциплина.
„Високо ги цениме и ги поддржуваме напорите за воведување ригорозни мерки од страна на командата на ИСАФ во Кабул, а кои се насочени против консумирањето алкохол за време на извршувањето на мисијата. Консумирањето алкохол на должност претставува пречка за успешно извршување на задачите, што може сериозно да ги доведе во опасност и животите на оние војници кои совесно ги извршуваат задачите. Како и во сите армии во светот, така и во АРМ, со закон и со прописи е најстрого забрането консумирање алкохол за припадниците на АРМ додека тие се во воени објекти, на должност, извршување задача и секаде каде што се појавуваат ��о работно време“, се вели во реакцијата и притоа се додава дека весникот со ваквите информации му нанела штета на угледот на војниците на АРМ, со кои македонските граѓани особено се гордеат, токму поради нивното беспрекорно извршување на мировните мисии. (Св.У.) |