Клириншкиот долг на Албанија кон СФРЈ - 20,7 млн. долари
На Македонија и' припаѓаат 7,5 отсто од клириншкиот долг на Албанија кон СФРЈ: Тирана Тирана - Државите наследнички на СФРЈ во Тирана начелно се договорија дека клириншкиот долг на Албанија кон поранешната федерација изнесува 20,7 милиони американски долари.
Според словенечкиот висок претставник за сукцесија на СФРЈ, Рудолф Габровец, на дводневните преговори во Албанија е договорено долгот да се порамнува во однос 1 спрема 1 на клириншки долар со американски долари, плус камати.
„Преговорите беа успешни“, рече Габровец, за словенечката агенција СТА, додавајќи дека треба да следува подготовка на меморандум, а потоа и склучување на билатерални договори меѓу поединечните сукцесори и Албанија.
Меморандумот треба да биде подготвен до крајот на октомври годинава, кога ќе бидат направени билатерални сметки меѓу секоја држава-наследник и Албанија, а потоа можат да почнат билатерални преговори кога и под кои услови Албанија ќе го порамнува долгот кон секој наследник.
Средствата треба да се делат според клучот за поделба на имотот и обврските на СФРЈ, според кој на Македонија и' припаѓаат 7,5 отсто.
Преговорите во Тирана, што завршија во средата, следуваа по состанокот на Одборот за поделба на финансискиот имот и обврски на поранешната СФРЈ во јули годинава во Сараево, кога е постигната согласност во врска со клириншките сметки за седум држави и тоа - Албанија, Алжир, Египет, Бугарија, Камбоџа, Индија и Гвинеја. (Mакфакс)
|