Новата претставничка на „Еуроимаж“ доби поддршка од филмските работници
Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) ја поддржува и поздравува одлуката на Министерството за култура нов претставник на Македонија во Европскиот филмски фонд „Еуроимаж“ да биде Мими Ѓорговска-Илиевска, директорка на Кинотеката на Македонија, откако досегашниот претставник Дарко Башески поднесе оставка.
„Сметаме дека е добро решението Мими Ѓорговска-Илиевска да биде наш нов претставник со оглед на фактот дека успешно ја води Кинотеката на Македонија и е наш успешен претставник во други меѓународни асоцијации. Се надеваме дека и на оваа одговорна функција ќе покаже резултати. ДФРМ со својо�� капацитет и во рамките на своите можности и' стои на располагање и се надеваме дека досегашното отсуство на соработка и игнорантскиот однос спрема Друштвото ќе бидат надминати во насока на подобра и поуспешна македонска кинематографија. Очекуваме соработка на начин каков што е вообичаен во европската кинематографија“, соопшти ДФРМ.
Директорот на Филмскиот фонд на Македонија, Дарко Башески, минатата недела се повлече од волонтерската функција претставник во „Еуроимаж“. Европскиот фонд почна ревизија на работата на дистрибутерите во Македонија по разоткривањето дека неколку од нив проневериле над 200.000 евра добиени за филмови што не ги прикажале. (К.Р.) |