Березовски: „Охридско лето“ е спектакуларен фестивал
Охрид - Фестивалот „Охридско лето“ од утре ги троши последните десет дена. За крајот на третата декада, вечерва на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ е настапот на Креативниот центар Канижа од Србија, со авторското дело на Јозеф Наѓ „Без наслов“. И синоќа, во „Света Софија“, настапија уметници од Србија - хорот за духовна музика „Мелодија“, додека завчеравечер, на истиот простор, пред преполна сала - рускиот пијанист Борис Березовски.
Березовски го заокружи гостувањето на славната руска пијанистичка тројка на овогодишната програма на „Летото“, по фантастичните настапи на Александар Гиндин и Алексеј Володин. Тој и' е добро познат на публиката, бидејќи беше гостин на фестив��лот и пред две години. Овој пат, неговиот целовечерен рецитал ги содржеше Јоханес Брамс во првиот дел (Сонатата бр. 1 во Це-дур и Варијации на тема на Паганини), како и Скерцото бр. 3 на Фредерик Шопен, во вториот дел.
Најавен како пијанист со занемувачка виртуозност и исклучителна моќ и еден од водечките пијанисти на денешницата, Березовски уште еднаш покажа дека не е случајно миленик на охридската и македонска публика. Таа го испрати со овации, додека познавачите го вброија неговиот концерт во еден од врвовите на годинешната програма на фестивалот.
Големиот музичар не штедеше зборови за публиката и самиот фестивал, нарекувајќи го еден од најспектакуларните. „’Охридско лето‘ е еден навистина успешен фестивал. Има добра и, што е најважно, разновидна програма, од џез до класична музика и театар, која ги задоволува вкусовите на сите посетители на овој град. Се одржува на прекрасно место и на убави сцени. Сето тоа го прави еден од најспектакуларните фестивали воопшто“.
Березовски редовно настапува како солист со светски познатите оркестри, како што се Њујоршкиот филхармониски оркестар, Оркестарот од Филаделфија, Данскиот национален радиосимфониски оркестар, Новата јапонска филхармонија итн. Носител е на златниот медал на конкурсот „Чајковски“ во Москва. Тој е основач и организатор на Меѓународниот фестивал „Медтнер“, организиран во чест на славниот композитор Николај Медтнер, а истовремено важи за еден од најдобрите современи интерпретатори на музиката на овој композитор.
Како камерен музичар, Борис Березовски постојано соработува со: Вадим Риепин, Брижит Енжерер, Дмитри Мактин, Александар Књазев, а настапува и со други истакнати уметници: Јулијан Рахлин, Мајкл Колинс, Ралф Киршбаум, Борис Пергаменшчиков. Аудиозаписите на Березовски, покрај голем број врвни дела од пијанистичката литература, ги вклучуваат сите концерти за пијано и оркестар на Лудвиг ван Бетовен заедно со Шведскиот камерен оркестар под диригентство на Томас Даусгард, сите концерти на Сергеј Рахмањинов со Дмитри Лис и сите трансцендентални етиди на Франц Лист. (В.М.) |