Две Македонки загинаа во сообраќајка во Грција
ОХРИД - Во тешка сообраќајна несреќа кај Воден, Грција, околу 7,30 часот, животот го загубија сопственичка на бутикот „Пинк“ од Охрид, Мирјана Неделковска (36), , и сопственичката на детски бутик во Струга, чиј идентитет се' уште се утврдува. Со тешки повреди се здобиле Маја Бакалова, сопственичка на бутикот „Биг бен“, врз која е извршена итна хируршка интервенција, Ленче Симјановска (44), сопственичка на бутикот „Виола“, и Родне Димовска (46), сопственичка на бутикот „Софи“, трите од Охрид.
Според првичните неофицијални информации, возилото „рено лагуна“ со кое управувала Ленче Симјановска, поради влажниот коловоз се лизнало, во него удрил камион „сканија“ со грчки регистарски таблички по што автомобилот неколку пати се превртел. Според неофицијални податоци, загинатите и повредените патувале за Солун по набавки за нивните бутици пред новогодишните празници.
Несреќата ја потврдија членови на семејствата на загинатите и повредените, кои по неколку часа од несреќата пристигнале во болницата во Воден. Официјални информации за несреќата до вчера доцна попладне немаше од МНР, бидејќи нашиот конзулат во Солун не бил информиран од страна на грчката полиција. Се претпоставува дека причина било тоа што таму вчера се славеше Бадник и бил неработен ден. (С.И.) |