Анкара и' предвиде банкрот на Атина
Папандреу доби поддршка од министрите за мерките за штедење, но за тоа нема расположение во парламентот
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Грчката влада продолжува да се бори и да бара консензус од политичките партии во државата за новиот пакет мерки за штедење. Иако во изминатиот период премиерот Јоргос Папандреу, покрај критикит�� од опозицијата и од левицата, се соочи со негативни коментари и незадоволство и од неговата матична партија и од неговите министри, сепак, во четвртокот на министерскиот совет на грчката влада едногласно беше изгласан новиот пакет мерки. Иднината на новиот пакет мерки сега е во грчкиот парламент, но оттаму нема оптимистички најави за поддршка.
Веднаш по најавувањето на пакетот, лидерката на десничарската Демократска алијанса, Дора Бакојани, побара распишување избори, Јоргос Караџаферис, лидер на ултранационалистичката ЛАОС изјави остро дека нема да ја поддржат владата што има една година неуспех и е ставена пред уште поголем предизвик, а стандардно продолжија кавгите и несогласувањата и со левичарите СИРИЗА, како и со најголемата опозициска партија Нова демократија.
Додека партиите упатуваат критика и несолидарност до грчката влада, министерот за финансии, Јоргос Папаконстантину, на вчерашната прес- конференција подвлече дека aкo не биде прифатен овој план, долгот ќе порасне за 200 отсто. Новиот пакет мерки вклучува рационализација и намалување на трошоците во јавната администрација, реорганизација на државните компании, поскапување на даноците за недвижности над 100.000 евра, построги мерки за откривање на даночните затајувачи, измена на ДДВ-то за стопанството и менување на ДДВ-то за угостителите од 13 на 23 отсто од септември. Главен дел од овој нов пакет мерки и среднорочен економски план е приватизацијата на државни компании и имот, со цел средствата што ќе се добијат од приватизацијата да помогнат за полесно отплаќање на долгот и за одржување на економската стабилност на државата.
За разлика од критиките на домашна сцена, Грција значително воздивна од веста дека германскиот парламент се согласува да го поддржи новиот пакет за финансиска помош и со таков став ќе настапи и на состанокот на ниво на ЕУ. За разлика од Германија, како што пренесуваат турските медиуми, турскиот претседател Абдулах Јул изјавил дека се ближи денот на грчкиот банкрот, што предизвика жестока реакција од грчка страна со изјава од портпаролот на грчкото МНР, Григорис Делавекурас, дека Грција ќе покаже дека грешат сите оние што ја потценуваат. |