Комерцијална за девет месеци со бруто-добивка од 23 милиони евра

На нашите банки им оди одлично, и покрај големата финансиска криза што го тресе светот, а особено во изминативе неколку недели. Дел од македонските банки веќе ги објавија податоците за добивката за првите девет месеци од годинава, од кои се гледа дека тие и натаму значително го зголемуваат својот профит.
За првите девет месеци од годинава Комерцијална банка остварила бруто-добивка од дури 23 милиони евра, што е за 90 проценти или речиси двојно повеќе од финансискиот резултат во истиот период минатата година.
Во билансот на успех за првите три квартали од годинава што го објави Комерцијална банка е наведено дека во тој период е остварена добивка пред оданочување од 1.410,8 милиони денари или околу 22,94 милиони евра, што е точно за 89 проценти повеќе од истиот период лани. Остварениот нето- профит, пак, по одбивањето на данокот, за првите девет месеци изнесува 1.271,1 милиони денари или 20,67 милиони евра.
Од Комерцијална банка ги наведуваат причините за ваквото зголемување на бруто-добивката. „Поголемиот износ на остварен позитивен финансиски резултат произлегува од зголемените приходи од редовното работење (приходи од камата, провизии и надоместоци), но и од поголемиот износ на приходи од наплатени сомнителни и спорни побарувања, како и помал обем на издвоена резервација за деветте месеци од 2008 година. Во спомнатиот период нето-приходите од камата се зголемени за 27 проценти, остварени се значително повисоки приходи од наплатени билансни и вонбилансни побарувања, како и значително помали расходи за сомнителни и спорни побарувања, што се должи на континуираното подобрување на квалитетот на кредитното портфолио на банката“, се вели во соопштението на Комерцијална објавено на веб-страницата на Македонска берза. (Н.Н.Ф.) |