Џон Ленон
Објавено писмото на музичарот по 40 години
Британскиот кантавтор Стив Тилстон, кој во една пригода изјави дека бега од успехот затоа што стравува дека тој би можел да му ја уништи инспирацијата, конечно, го доби писмото со охрабрување, кое пред речиси четири децении му го испрати Џон Ленон. Славниот „битлс“ му напишал писмо на тогаш 21-годишниот Тилсон, веднаш откако г�� прочитал неговото интервју во едно музичко списание, пишува „Телеграф“.
Во пораката, чија содржина прв пат е обелоденета пред јавноста, Ленон го советува младиот музичар да не се грижи за потенцијалното богатство, затоа што парите не можат да ги променат важните работи во животот. Ленон го потпишал писмото во свое име и во име на Јоко Оно, само неколку месеци откако се распадна групата „Битлси“ во декември 1970 година. Текстот е испратен на адресата на списанието „Зиг-Заг“, кое денес не постои, но тоа никогаш не го нашло патот до Тилстон. За него слушнал пред пет години кога контактирал со еден колекционер, кој сакал да ја утврди автентичноста на писмото.
Обраќајќи се до кантавторот, тогаш 30-годишниот Ленон напишал: „Богатството не ги менува твоите искуства на начинот на кој ти мислиш. Во основа, единствената разлика е во тоа што повеќе немаш потреба да се грижиш за пари, храна, покрив над главата итн. Секое друго искуство - емоциите, односите со луѓето, остануваат исти како и кај другите луѓе. Го знам тоа зошто бев богат и сиромашен како Јоко“, се наведува на крајот од писмото на легендарниот музичар, во кое го наведува и домашниот телефонски број.
Во меѓувреме, Тилстон издаде повеќе од 20 албуми. Неодамна објави и книга, а во септември ќе ја одбележи 40-годишната музичка кариера со концерт во Бристол. „Да го примев писмото порано, сигурно ќе му се заблагодарев по телефон. Многу сум бесен што некој го продал наместо да ми го испрати, но сега сето тоа е минато“, рече Тилстон.
Писмото, чија вредност се проценува на 7.000 фунти, моментно е во сопственост на еден американски колекционер. |