Мислења
Преиспитување на економските политики
Ден Дончев
Вистинското прашање за Петар Гошев не е за колку се намалила основната каматна стапка, туку што очекува тој од тоа намалување
Гувернерот на Народна банка на Република Македонија (НБРМ), Петар Гошев, пред неколку дена обелодени дека основната кам��тна стапка ќе се намали од 5 проценти на 4,5. Објаснувањето на Гошев е дека девизните резерви се стабилизирани на ниво што овозможува олабавување на монетарната политика. Се разбира, Гошев не може ни да даде друго објаснување за овој потег, освен фактот што девизните резерви се стабилни. Со години наназад државна политика на Република Македонија е одржување стабилен курс на денарот. Оваа политика е толку длабоко бетонирана во речиси сите слоеви во општеството, што дури и обидот за дискусија на оваа прашање, за жал, наидува на голем отпор.
Уште пред една година беше јасно дека услови за намалување на основната каматна стапка ќе се создадат дури во текот на 2010 година. Меѓутоа, ова не спречи жешки и ирелевантни дискусии и дебати, кои се случуваа околу тогашните високи каматни стапки во земјава. Владата дури испрати јавен повик до НБРМ да се намалат каматните стапки. Тоа предизвика реакции од одредени политички структури, пред се', од СДСМ, кој застанаа во „одбрана“ на НБРМ и ја повика да не попушти пред притисоците од владејачката партија за олабавување на монетарната политика. Со ваквите повици, на најгруб начин, беше навлезено во автономијата на централната банка при одлучувањето за висината на каматната стапка. Исто така, беше покажано целосно игнорирање на елементарната економска вистина. Поточно, кога една држава се залага за фиксен курс на својата валута кон одредена странска валута, монетарната политика на централната банка е исклучиво во функција на одржување на фиксниот курс на својата валута.
Проблемот со оваа политика (инаку официјална политика на секоја владејачка партија во Македонија во последните петнаесет години) е дека стабилноста на валутата се става пред се' друго. Каматната стапка, како основен инструмент за да се одржи стабилноста на курсот на валутата, се контролира преку паричната маса во економијата. Со ваква политика, за централната банка воопшто не е битно колкава е стапката на економскиот раст во државата. А, по дефиниција, ако не е битно колку е годишната стапка на раст на домашното бруто-производство, не е битно ни колкава е стапката на невработеност и на сиромаштија. Судбината на невработените и на сиромашните се оставени исклучиво во рацете на Владата, која, пак, има на располагање различни инструменти и алатки, претежно преку фискалната политика - структурални реформи, како и привлекување странски директни инвестиции.
Значи, НБРМ го прави единственото нешто што може да го прави според својот законски мандат. Ако гледаме вака, може да се констатира дека оваа институција релативно успешно си ја врши својата функција во последните петнаесет години. Македонскиот денар е навистина стабилен. Меѓутоа, проблемот е што во истиот тој период стапката на раст на БДП, како и стапката на невработеност и на сиромаштија, исто така, се „стабилни“. За жал, најдоброто што македонската економија можеше да го постигне во последните петнаесет години е просечна стапка на раст од едвај 2,5 проценти, додека стапката на невработеност од 32 отсто, како и стапката на сиромаштија од речиси 30 отсто се непроменети.
Но, политиката на НБРМ не го носи лавовскиот дел за овој економски неуспех во последните петнаесет година. Титулата за неуспехот на економијата слободно може им да се додели на стерилната фискална политика, недостигот на вистински реформи во многу сфери, како што се здравството, образованието, судството, процесот на приватизација, недостигот од странски директни инвестиции и слично. Факт е дека монетарната политика во една земја е еден од двата најважни инструмента со кои располага државата. Доколку нејзината економска цел не е просперитет за сите граѓани, мерен преку просечниот стандард (или БДП по глава на жител), стапката на невработеност и стапката на сиромаштија, тогаш каква корист од „стабилноста“?
Затоа, вистинското прашање за Петар Гошев не е за колку се намалила основната каматна стапка и колку изнесува, туку што конкретно тој очекува од тоа намалување? Уште повеќе, што конкретно тој очекува во иднина од сегашната поставеност од монетарната политика на Република Македонија!? Неговата изјава „... девизните резерви се солидни и намалувањето на каматната стапка е за подобрување на кредитната активност, сега на банките е како ќе одлучат“, е бегање од суштинските прашања со кои треба да се занимава еден гувернер.
По петнаесет години водење една иста монетарна политика, која придонесе економијата на нашава држава да биде таква каква што е, за Гошев се поставуваат многу посуштински прашања на кои тој треба да даде одговор. Ако гувернерот воопшто чувствува грижа на совест за мизерната стапка на невработеност во државата, тогаш првото прашање што треба да го одговори е дали монетарната политика во изминатите петнаесет години придонесе за намалување на невработеноста? Натаму, дали Гошев смета дека тоа што денес се нарекува „стабилен курс на денарот“ е поважен од стапката на сиромаштија? Дали Гошев смета дека општото добро на граѓаните се мери само според нивото на девизните резерви со кои располага земјата? Дали Гошев смета дека зголемувањето на надворешниот девизен долг на Мак��донија во последните неколку години, со што и де факто се овозможи „стабилизирање“ на нивото на девизните резерви, не е одложување на економските проблеми во иднина? Дали сегашната гарнитура раководители на државните финансии (меѓу кои е и тој) има право да ги задолжува идните генерации се' до моментот кога Република Македонија веќе ќе нема капацитет за дополнителни задолжувања? Конечно, како што и самиот Гошев изјави пред неколку дена, вкупниот обем на трговската размена на земјава (поточно збирот на севкупниот извоз и увоз), според обемот е речиси 100 отсто од БДП. Дали овој податок Гошев го смета како симптом на здрава економија или симптом на економија која има огромни структурални дисбаланси? Дали Гошев може да изброи во кои други земји во светот околу 100 отсто од БДП е во вкупна размена со светот?
Едноставниот одговор на сите овие прашања е дека, всушност, тоа се најдобрите резултати од монетарната политика на Република Македонија. За жал, подобро нема да може. Затоа, ако сакаме да почнат да се намалуваат стапките на невработеност и на сиромаштија во нашата татковина, потребно е сериозно преиспитување на најголемиот дел од досегашните економски политики. Монетарната политика не е исклучок.
(Авторот е економски аналитичар) |