Генерал Стојановски бара поголема поддршка за АРМ
Одбележан 18 Август, Ден на АРМ
Армијата на Република Македонија е институција во која се спроведени најтемелните и најсеопфатните реформи и затоа за остварување на амбициите за развој на АРМ како армија на идна земја-членка на НАТО, неопходна е конкретна поддршка, со која ќе се обезбедат услови за продолжување на интегративниот процес кон Алијанса��а. Ова вчера на одбележувањето на Денот на АРМ го порача началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Мирослав Стојановски, кој рече дека и покрај постигнатите високи резултати припадниците на АРМ живеат и работат во релативно тешки услови.
„На ова во голема мера влијаат доделените буџетски средства за потребите на одбраната, а соочени сме и со опаѓање на нивниот стандард“, оцени началникот на ГШ на АРМ, додавајќи оти недоволната реализација на армискиот буџет, во услови на светска економска криза, негативно влијае и на процесот на опремување и модернизација на Армијата.
Денот на АРМ, 18 Август, беше свечено одбележан вчера со свечено постројување. Началникот на ГШ, Стојановски, во присуство на министерот за одбрана, Зоран Коњановски, во обраќањето нагласи дека овој датум го означува континуитетот на слободарскиот дух на двата Илиндена, но и темелот на формирањето на АРМ, како Армија на граѓаните на независна и суверена Република Македонија.
„Поради достигнатиот степен на интероперабилност, оперативна способност и обученост, кои ги потврдивме во практика, во Алијансата сме прифатени како рамноправен партнер. Спроведувањето на модерен систем за обука со примена на стандарди на НАТО, АРМ ја ставаат на високо место во борбата против глобалниот тероризам“, нагласи Стојановски. Тој потсети дека 254 македонски мировници се распоредени во мировните мисии Авганистан, Босна и Херцеговина и во Либан.
Со едноминутно молчење почит им беше оддадена и на загинатите припадници на АРМ во 2001 година, по што беа положени венци и цвеќиња на споменикот во кругот на Министерството за одбрана и на ГШ на АРМ, од страна на делегации од МО, АРМ, Сојузот на борците од НОВ, Сојузот на резервните воени старешини на Република Македонија, како и од семејствата на загинатите. (Д.Р.) |