СДСМ се закани дека нема да го поддржи законот доколку дискусијата за државните службеници биде јалова
Светлана Унковска
Социјалдемократите најавија дека нема да го поддржат Законот за државните службеници, по што стана неизвесно дали овој важен закон ќе го добие потребниот консензус, на што инсистира Европската унија. Вчера на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците наместо да се расправа за поднесените амандмани, седницата се претвори во партиско препукување меѓу Нова демократија и ДУИ. Најпрво имаше негодување од опозицијата поради задоцнување на стартот на седницата од околу четириесетина минути, поради амандмански консултации на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, за потоа текот на расправата да се претвори во политичко поентирање меѓу пратениците на двете партии на Албанците, што предизвика дополнителна нервоза кај опозицијата.
Огнот го потпалија пратениците на Нова демократија Флора Кадриу и Сулејман Рушити со обвинувања и реплики за тоа кој колку се залагал за спроведување на Рамковниот договор, кој е за правична застапеност на заедниците, па се премина и на препукување на Законот за употреба на албанскиот јазик и на она што било договарано на лидерската средба. На прозивките одговараше Рафис Алити од ДУИ, па следуваа реплики на репликите и за еден час атмосферата доби голема доза на нервоза. Реагираа и ЛДП и СДСМ, но непродуктивната дискусија не му пречеше на претседателот на Комисијата, Зоран Петрески, од ВМРО-ДПМНЕ, кој дозволи седницата да добие поинаков тек.
„Не го оспорувам правото да се бара соодветната и правична застапеност, но треба да се даде можност да се чујат сите амандмани. Се води јалова дискусија и се има намера да пропадне обидот да се изгради консензус. Некој намерно сака дополнително да ја искомпликува седницата. Ако вака се однесувате и ако продолжи јаловата дискусија, нема да го поддржиме овој закон“, се закани Владо Бучковски од СДСМ.
Реагираше и Роза Топузова-Каревска од ЛДП: „Добивам впечаток дека се има тенденција да се сврти вниманието на сосема друга страна наместо да дискутираме за амандманите. Добро е што се одржаа лидерските средби каде што се усогласуваа законите, па сега имаме само 81 амандман, затоа што ако не беа тие средби, најверојатно, ќе имавме 810 амандмани“, иронично забележа Топузова-Каревска.
Вчера владееше тотална конфузија и збунетост, затоа што и покрај усогласувањата што се правеа деновиве меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, зајакната со вицепремиерот за евроинтеграции Васко Наумовски, не се знаеше кои од амандманите се прифатливи за владејачкото мнозинство, а кои не. За законот за државните службеници пратеничката група на СДСМ поднеле 21 амандман, ВМРО-ДПМНЕ - триесетина, потоа Нова демократија и ДУИ по три, ЛДП - седум, како и неколку амандмани што ги поднеле пратеници од свое име.
Цветанка Илиева од СДСМ, вчера, по барање на новинарите да ги избрифира што е она што го договориле со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, рече дека и таа сега не е начисто што ќе биде прифатено. Ставот на пратеничката група е доколку не бидат прифатени нивните клучни амандмани, ќе бидат воздржани во гласањето за амандманите и ќе гласаат против донесувањето на Законот.
Се совпаѓаат ставовите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ директорот на Агенцијата за државни службеници да не биде сменет доколку Собранието го оцени негативно годишниот извештај за работата. Остана дилемата околу опфатот на државните службеници. Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ смета дека Владата треба со посебна уредба да ги регулира органите со посебни овластувања. Бучковски, пак, од СДСМ инсистира со Законот да бидат опфатени и одбраната и полицијата, освен вработените кои се во униформа, затоа што, како што истакна, Владата не може да го уредува тоа прашање со посебен акт. До затворањето на весникот вчера остана неизвесно како ќе се реши барањето на СДСМ државниот секретар да се избира на јавен оглас од редовите на државната администрација, а не и од јавниот сектор, на што инсистира ВМРО-ДПМНЕ. Во почетокот на седницата на Комисијата, министерот за правда,Михајло Маневски, го прифати заедничкиот амандман на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ според кој се дефинира државната служба, додека амандманот на Нова демократија, од кој се почна широката полемика, на крајот, беше отфрлен.
Што толку се фатиле за тој амандман за директорот!!! Ако се работи за постојниот директор гештаковски, кој се покажа вистинска ‘љушпа‘ за функцијата и кој го преспа целиот мандат, тогаш СДСМ треба да има доблест и веднаш да бара негова смена. Во неговиот мандат се вработија шлепери некомпетентни партиски војници на ВМРО.